Статистиката измери просечна нето-плата од 36.465 денари во мај.
Вообичаено, како и секогаш кога се објавува овој податок има лавина од коментари, дека оваа просечна нето-плата не ја одразува висината на најголемиот дел од платите во државава. Односно, дека просекот е благодарение на малубројните високи плати. Но, сепак, просечната нето-плата е статистички споредбен податок во сите земји, а „Пари“ преку основните прехранбени производи открива дали куповната моќ на сегашните 600 евра е поголема од оние 400 евра (25.213 денари) во 2019 година, пред пандемијата и серија други економски потреси што не следат оттогаш, пропратени со високата инфлација.
Според публикацијата „Макстат избор“ што ја издава Државниот завод за статистика, во 2019 година еден килограм пченичен леб чинел 52,38 денари, едено литар масло за јадење 58,92 денари, едно јајце 7,87 денари, еден килограм шеќер 32,43 денари, бензинот Еуросупер БС 95 чинел 66,92 денари, а хамбургерот 105,08 денари. Токму овие шест производи статистичарите ги сметаат за важни показатели за цените и инфлацијата. „Пари“ врз основа на сегашните цени во продавниците извади просек на шесте производи, па сега еден килограм пченичен леб чини 73,33 денари, еден литар масло се продава за 75 денари, едно јајце е 10 денари, еден килограм шеќер 55 денари, бензин Еуросупер БС чини 82,5 денари, хамбургер 180 денари.