Никој не сака доброволно да служи војска во АРМ. Шестмесечниот извештај за спроведување на годишниот план на министерството за одбрана покажува дека за планираните фебруарски и јунски рокови ниту еден граѓанин не пројавил интерес и затоа не се реализирала оваа активност. Следната се планира за октомври.
Инаку Македонија воведе доброволно служење војска во 2007 година, во време траење од 3 месеци. Доброволците треба да се на возраст од 18 до 26 години кои претходно ќе поминат лекарски и психолошки тестови. Рокот го отслужуваат во карасната во Велес, а во првите 10 години тоа го направиле околу 4800 мажи но и жени. За оваа активност државата на заинтересираните месечно им исплаќа по 10 отсто од просечната месечна плата или околу 50 евра и имаат можност потоа да станат професионални војници, пренесуваат од телевизија Сител.
Од тука се поставува прашањето: Дали платата за доброволно служење војска е една од причините за да нема интерес?
Според истражувањето на Балканската безбедносна мрежа Македонија нуди најниски, а Словенија највисоки приходи околу 2300 евра месечно. Таму се служи 13 недели, а годишно имаат по околу 500 регрути кои имаат можност да полагаат и за возачка Б категорија.
Во Србија доброволниот рок трае најдолго 6 месеци, последната година имало 1200 доброволци кои месечно добивале по 35.000 динари.
Доброволното служење на воениот рок Хрватска го воведе во 2008 година, а во таа земја воениот рок сега практично трае осум недели, односно 40 работни дена. Платата за тој период е 400 евра месечно, а после тоа доброволците ќе може да се вработат во вооружените сили.
Црна Гора е последна во регионот што воведе доброволно служење воен рок во 2019 година. На првиот јавен оглас се барале 50 млади лица за паричниот надомест од 275 евра месечно.