Кому му требаат 1001 коњски сили и 16 цилиндри за да постигне луда брзина, кога тоа можете да го постигнете со само 4 цилиндри и 300 коњски сили?
Секако, ова треба да го сфатите и како шега бидејќи тука сепак станува збор за ултралесен и аеродинамичен модел. Се работи за „MG EX181“ од 1959 година, брз експериментален автомобил кој со максималната брзина може да му парира на „Bugatti Veyron“, но тука сличностите престануваат.
Ова е сепак специјализиран модел за рушење на брзински рекорди, кој не смее да вози на улица.
Во доцните 50-ти години, „MG“ тргнал во лов на брзински рекорди. Започнувајќи со скромни 68 коњски сили, инженерите на компанијата вградиле 4-цилиндричен масивен компресор. Исто така, тие помешале 86 отсто метанол со нитробензен, ацетон и сулфурен етер, па малиот 1,5-литарски мотор достигнал импресивни 300 коњски сили. Со коефициент на отпор од само 0,12, сè било подготвено за одличен резултат.
Возењето за поставување рекорд било одржано на „Bonneville Salt Flats“ во Јута, САД. Возач бил Фил Хил кој постигнал брзина од 409 км/ч., што било рекорд за мотори со мала зафатнина.