Колку што се жешки овие летни денови, толку се и жешки цените на зеленчукот и на овошјето на скопските пазари.
Екипата на Денар направи обиколка на неколку скопски пазари, па како што забележавме, еден килограм домати се продаваат по 70 денари, килограм пиперки по 80 денари, оризот се продава за 120 денари, гравот за 200 денари.
Од цената на кромидот им се плаче на купувачите, бидејќи за еден килограм треба да издвојат дури 100 денари, а ништо поевтино не е ниту овошјето, особено лубениците кои се продаваат за 30 денари по килограм.
Засега прифатлива е цената на праските и на сливите која изнесува 60 денари, но, сума-сумарум, цените на земјоделските производи годинава се повисоки од лани за дури 50 проценти.
Причината за ваквото поскапување, објаснуваат земјоделците, е поради намаленото производство, но и поради големата заработувачка на препродавачите.
-Ако ми верувате, откупната цена на доматите е 30 денари, а трговците ги продаваат за 70 денари на пазарските тезги. Тоа е дури повеќе од 100 проценти заработувачка. Откупната цена на пиперките и на краставиците е 40 денари за килограм, а тие ги продаваат за 80 денари на пазарите. А кога ние ќе побараме повисока цена, тие велат дека не им се исплати да работат за тие пари. Па што сакаат? Заработуваат на наш грб – вели Спасе С., средовечен земјоделец од скопското село Орман.
Дека откупувачите, односно препродавачите на зеленчук и овошје имаат најголем ќар, признаваат и членовите на Синдикатот на земјоделци.
Оттаму велат дека постои огромна разлика помеѓу откупните цени на производите и цените што ги плаќаат граѓаните на пазарите.
-Точно е дека производството е намалено во споредба со лани, но тоа што го прават препродавачите е претерано и безобразно. Од нивите купуваат домати и краставици за 30 денари, а за половина час ги носат на пазарските тезги и ги продаваат за 80 денари. Па нели тоа не е фер кон земјоделците, а уште помалку кон граѓаните? Насекаде преовладува сиромаштија, а се богатат само препродавачите на грбот на земјоделците – брифираат членови на синдикатот.
За високите цени реагираат и самите граѓани, кои велат дека пазарењето на пазарите станува неиздржливо скапо.