Парите не се единствената работа којашто ги мотивира вработените, но дефинитивно важат за еден од најзначајните фактори
Луѓето се најзначајниот фактор за еден бизнис да се движи во посакуваната насока, а кога нивниот труд е потценет доаѓа до пад на продуктивноста, мотивацијата и фокусот, а во крајна линија тие си одат на друго место. Тоа значи дека платата е директно поврзана и влијае на успешноста на компанијата.
Токму затоа, доколку работодавачот сака неговиот бизнис да успее тој мора постојано да инвестира и да се грижи за своите вработени да добиваат повеќе отколку што тоа го нуди пазарот. Во продолжение ви посочуваме на 5 причини зошто поголемата плата ќе го зголеми аутпутот на вашата компанија и ќе ги намали вашите трошоци:
1. Вистинските таленти може да се избројат на прсти
Во динамичниот свет на бизнисот, постојат само мал број на луѓе кои располагаат со потребните вештини и се способни да ја завршат работата онака како што треба. Треба да направите се што е во ваша моќ за да ги привлечете овие луѓе во вашата компанија. Ако сте градежна компанија тоа значи дека ви требаат најдобрите архитекти, ако се занимавате со продажба – најдобрите продавачи итн. Еден од најефективните начини за привлекување на најдобрите професионалци е токму преку повисока плата.
2. Квалитетниот кадар создава поголем аутпут
Натпросечната плата автоматски значи дека очекувате натпросечен резултат. Организациите кои го диктираат нивото на плати во индустријата имаат создадено култура на повисок аутпут. За вашата компанија тоа значи креирање на перцепција дека токму таму работат најдобрите и дека сите ќе мораат да се трудат повеќе за да ги оправдаат парите кои ги заработуваат.
3. Секој ќе сака да стане дел од вашиот тим
Вработените кои заработуваат повисока плата во мотивирачка работна средина ќе бидат многу посреќни, особено ако уживаат во тоа што го работат. Најдобрите компании не само што даваат добри плати, туку им посветуваат и дополнително внимание на вработените преку давање на јавни пофалби, награди и нивно инволвирање во процесот на селекција на други вработени. На овој начин, вашите вработени ќе станат ваши најдобри промотори што во голема мера ќе ви го олесни процесот на регрутација.
4. Никој нема да размислува за отказ
Компанија која дава одлични плати и има одлична деловна култура е многу поверојатно да има вработени кои таму се гледаат на подолг рок. Колку подолго некој е во вашата компанија, до толку повеќе ги разбира внатрешните процеси, правила и цели. Тоа не само што ќе ја зголеми целокупната продуктивност, туку и ќе креира посилни врски и тимови во иднина. Дополнително, ќе заштедите на трошоци поврзани со процесите на селекција и регрутација.
5. Вработените повеќе ќе се фокусираат на работата
Кога парите стануваат помал проблем, вашите вработени ќе можат повеќе да се фокусираат на нивните проекти и работни задачи. Знаејќи дека се финансиски сигурни и фер платени, тие ќе бидат психички поприсутни на работа што ќе води кон повисока продуктивност и подобар квалитет во работата.
Заклучок: бенефитите ги надминуваат трошоците
Зголемувањето на платите може да биде тешко на почеток: може да значи помалку профит, но само на краток рок. На долг рок ќе забележите дека не само што ќе ја подигне деловната култура и среќата на вработените, туку и ќе ви заштеди пари.
Зголемувањето на платите се инвестиција кон попродуктивен и поквалитетен бизнис.
Учествувајте во најголемото истражување за плати во Македонија и дознајте колку заработувате во споредба со другите