„Колку изнесуваат казните за возачите во Грција?“ Ова прашање овие денови прилично често си го поставуваат сите оние кои планираат својот годишен одмор да го поминат на некоја од летните грчки дестинации.
На популарната Тик-Ток група „Грчка Инфо“ сега се појави и детален ценовник кој ја прикажува реалната состојба кога станува збор за грчките казни.
-Возење со брзина над дозволеното – 350 евра
-Поминување на црвено светло на семафор – 700 евра
-Претекнување онаму каде што е забрането – 350 евра
-Претекнување на полна линија – 250 евра
-Погрешно паркирање – 80 евра
-Паркирање на место за инвалиди – 150 евра
-Возење без заштитен појас – 350 евра
-Користење мобилен телефон додека возите – 100 евра
-Возење во алкохолизирана состојба – 200 евра
-Возење по влечки – 50 евра
Основни сообраќајни правила во Грција
Стандардно ограничување на брзината на возење во Грција, освен ако не е поинаку назначено со сообраќаен знак: автомобили и мотоцикли – во населено место – 50 километри на час, во ненаселено место – 90 километри на час, на автопат – 130 километри на час.
Автомобили (до 3,5 тони) со приколка (до 750 килограми): во населено место – 50 километри на час, во ненаселено место 80 километри на час, на автопат – 100 километри на час.
Алкохол
На возачите во Грција им е дозволено да имаат 0,5 промили алкохол во крвта додека управуваат со возило.
Ако нивото на алкохол во крвта е повисоко од 0,5 промили и пониско од 0,8 промили, тогаш возачот ќе биде казнет со 200 евра.
Ако нивото на алкохол во крвта е повисоко од 0,8 промили и пониско од 1,1 промили, тогаш возачот ќе биде казнет со 700 евра, а ќе му биде одземена и возачката дозвола до 3 месеци.
Ако нивото на алкохол во крвта преминува 1,1 промил, тогаш казната изнесува 1.200 евра, одземање на возачката дозвола до 6 месеци и можна е затворска казна до 2 месеца. Ако истиот тој возач го направи истото дело во рок од 2 години, тогаш ќе плати казна од 2.000 евра, ќе му биде одземена возачката дозвола цели 5 години и можна е затворска казна до 6 месеци.
За возачите кои се тазе возачи и немаат возачко искуство поголемо од 2 години, како и за мотоциклистите, дозволено ниво на алкохол во крвта е 0,2 промили.
Ако нивото на алкохол во крвта кај овие возачи е поголемо од 0,2 промили и помало од 0,8 промили, тогаш возачот ќе биде казнет со 200 евра.
Возење без светла
Кратките светла не се задолжителни во текот на денот, но се задолжителни во текот на ноќта.
Препорачливо е да користите светла во услови на слаба видливост предизвикана од лошите временски услови (магла, снег или дожд). Во овој случај е забрането управување со возило само со вклучена позиција.
Светлата за магла можат да се користат само во случај на магла, снежни падавини или силни дождови, сами и ли во комбинација со кратките светла.
Казната за кршење на правилата за користење светла преку ден изнесува 80 евра.
Превоз на деца
Деца помлади од 3 години можат да патуваат само ако се седнати во специјално детско седиште кое одговара на нивната висина.
Децата помали од 12 години и пониски од 135 сантиметри дозволено е да се возат на задните седишта само доколку се врзани со безбедносен појас.
Казна за кршење на правилата за превоз на деца изнесува 350 евра.
Безбедносен појас
Употребата на безбедносниот појас е задолжителна за патниците на предните и на задните седишта во автомобилот.
Употребата на кацига е задолжителна за возачите и совозачите на мотоцикл или на скутер.
Казната за непочитување на овие законски обврски изнесува 350 евра со можност за одземање на возачката дозвола до 20 дена.