Во соседна Србија малината е широко распространета, но во Македонија оваа овошка не е толку популарна.
Оние кои одлучиле да ја засадат, велат дека aко им се погоди да има добра цена за тековната берба, се обезбедува скромна живеачка од оваа работа. Производител на малини од Крива Паланка објаснува дека лани малините имале добра откупна цена, од 150 до 230 денари за килограм и бил задоволен, но сега цената е помала.
„Пред седум години почнав со малините. Успеваат, климата им одговара, но бараат и вода за што имам систем „капка по капка“. Од еден декар, се собира еден тон или нешто повеќе од тон, така што ако има добра цена, се исплати, иако е тешка за берење, бара и едно прскање во годината. За берење, не бараме работници, туку си береме фамилијарно. За начинот на одгледување се едуцирав на интернет. Србија има многу повеќе малини, можеби 10 пати се позастапени за разлика од кај нас. Во реонот на Крива Паланка, повеќе луѓе засадија малини, но имаше и лоши години со ниска откупна цена и некои ги запоставија насадите“, вели производител на малини.
Освен за откуп на големо, производителите своите малини ги нудат и на приватни лица. На интернет има огласи според кои свежи малини од 250 грама чинат 100 денари, а замрзнатите се 280 денари за килограм.
Иван Арсов од Кавадарци вели дека во српското поднебје оваа култура има подолга традиција.
„Јас имам мала плантажа, половина декар, нема работници, тешка е за берење. Ова може да биде дополнителен приход. Инаку, има и граѓани кои бараат да купат малини“, рече Арсов.
Јулијана Костојчиноска вели дека поседува насади со малина во Вевчани, но сето тоа е сведено на минимум.
„Работевме 5 години, а веќе 3 години како се откажавме, односно имаме два – три реда ако некој побара или како за свои потреби, но проблем беше што немаше откуп, а на луѓето им се чини скапа малината“, објаснува Костојчиноска.
Пеце Лазов од Битола вели дека 10 години се занимава со производство на малини, но последниве години проблем се временските услови.
„Оваа година е многу топло, ги изгоре малините. Јас имам мали површини, носам на пријател на тезга, но сега нема ни за неа. Кога почнав, првите години беше добро“, кажа Лазов.
Од Опитно Поле ФЗНХ Дооел Скопје велат дека одреден интерес за малопродажба за садница малина има.
„Секако дека се купуваат садници малина. Во текот на годината се јавува по некој и подига насади“, додаваат од Опитно Полe.
Инаку, српските медиуми пишуваат дека малината е симбол на нивната земја, а на српско тло малините се одгледуваат уште од 19 век, односно од 1880 година. Во 1920 година производството станува помасовно. Ваљево и Чачак станале места каде малината била широко застапена. Според Атласбиг, Србија е трета земја по производство на малини во светот, зад Русија и Мексико. Србите во сезона бараат берачи за малини.