Тоа што треба да го знаат сите оние кои одат во Грција на одмор е дека водата од чешма таму не е наменета за пиење.
Од една страна, во Атина и во Солун е сосема безбедно да пиете вода од чешма, додека, пак, во поголемиот број грчки острови како Миконос и Санторини, пиењето вода од чешма е забрането.
Во некои делови на Грција, особено планинските делови, можете да го забележите локалното население како полни шишиња со планинска изворска вода која подоцна ја користи за пиење.
Сепак, каде и да ве одведе авантуристичкиот дух во оваа преубава земја, најдобро би било да пиете флаширана вода и да не експериментирате со водата од чешма.
Па така, не е лошо да запаметите дека во Грција постои и закон за продажба на вода кој предвидува едно шише флаширана вода да не биде поскапо од 50 центи.
Ваквото ограничување на цената на производот беше воведено пред неколку години откако било забележано дека сопствениците на приватните плажи почнале да претеруваат со цената на водата.
Така што, едно шише вода од 500 милилитри секаде низ Грција се продава за 0.35 центи, додека шише вода од 700 милилитри чини максимални 50 центи.
И тоа не е единствениот ограничен производ, бидејќи и цената на кафето е ограничено на 1,20 евра, еспресото не смее да се продава за повеќе од 1,35 евра, додека максималната цена на чајот изнесува 1,20 евра. Цената на сендвичите на плажите исто така е ограничена на 1,35 евра, но тоа не важи за рестораните и баровите на аеродромите, во бродовите, стадионите, археолошките локалитети, кината и театрите.
Во продавниците ограничена е цената на пивото, сокот, лебот, виното, па дури и на кремите за сончање, а казните за оние кои ги прекршуваат овие ограничувања се прилично високи.
Ако немате приложено ценовник, казната е 1.000 евра, а 500 евра е казната за сите оние кои продаваат производи по повисока цена. Во случај на повторено кршење на прописите, казните се удвојуваат.
Кога станува збор за бакшиш во рестораните и во кафулињата низ Грција, тој е вклучен во цената како посебна „наплата за услуга“ или како дел од цената на храната.
Извор: denar.mk