Цигарите повторно ќе поскапуваат. Владата планира да ја зголеми акцизата од наредната година, па цигарите и сите тутунски производи од 1ви јануари наредната година да се зголемуваат од 2 до 5 денари се до 2030тата година.
Во Собрание веќе пристигнаа измените во законот за акцизи, кои ќе се носат по скратена постапка. Па така: акцизата за цигари предвидуваат да се зголемува за 0,23 денари по парче секој први јануари. Додека пурите да се зголемат за 4 денари наредната, а од 2025тата за 2 денари парче.
Измените во законот предвидуваат и воведување растителен билен производ за пушење по пат на загревање, независно дали содржи или не содржи никотин, кој ќе подлежи на акциза, со цел ограничување на здравствените ризици поврзани со употребата на истиот.
Владата овие измени ги правда со усогласување со европската регулатива, а на овој начин ќе се бори да го дестимулира пушењето. Дополнително зголемената акциза ќе донесе и повеќе пари во државната каса. Според пресметките наредната година буџетот треба да биде потежок за околу 17 милиони евра.
Освен овие, во Собрание за гласање чекаат и измените од даночната реформа, со кои се предвидува зголемување на одредени даноци, како ДДВ-то на дел од храната од 5 на 10%, но и воведувањето на Солидарниот данок кој еднократно треба да го платат попрофитабилните фирми. За експертите зголемувањето на даноците е очекувано.
„Дали буџетот може да ги сервисира обврските кои ги презел ?! Нивото на јавните расходи, и од друга страна порастот на јавниот долг ја наметнува потребата за зголемување на даночното оптоварување. Оттука воопшто не е за изненадување ако видиме владата да преземе и други мерки со кои ќе расте даночното оптоварување. Се разбира тоа ќе влијае на порастот на цените.“ кажа Зоран Ивановски, професор економија.
Инаку во изминативе 10 години, кутија цигари се зголемуваше по просечни 5 денари, поради редовното годишно зголемување на акцизата, давачка која ја воведе државата во 2013тата со цел да го дестимулира пушењето. За тој период кутија цигари поскапи двојно. Во моментов кутија цигари чини минимум 110 денари. Последното зголемување беше на 1ви јули годинава.