Како што пренесуваат медиумите од соседството, сите кои планираат летување во Црна Гора треба да бидат внимателни и да избегнат две плажи во околината на градот Бар бидејќи водата не одговара на прописите.
- На плажите во Бар „Жукотрлица 01“ и „Жукотрлица 02“ морската вода е неквалитетна, соопшти Институтот за морска биологија - пишува РТЦГ.
На овие плажи е истакнато црвено знаме, како симбол на забраната за пливање таму.
И од Институтот за морска биологија соопштија дека во општина Бар морската вода на шест плажи била со одличен квалитет, на пет плажи била квалитетна, а на две со задоволителен квалитет, пишува РТЦГ.
Во општина Херцег Нови примерок од вода е земен на вкупно 21 локација, од кои 7 се со одличен квалитет, 8 со добар квалитет и 6 со задоволителен квалитет.
Во Котор водата беше со одличен квалитет на 8 локации, на 2 добра, а на 4 задоволителна.
На подрачјето на општина Тиват водата била со одличен квалитет на 8 тестирани локации, додека на една локација била со добар квалитет.
Кога станува збор за општина Улцињ, од вкупно 18 локации каде што се спроведува Програмата за мониторинг на санитарен квалитет, морската вода во 17 била со одличен квалитет, а на една локација добра.
Анализите покажаа дека морската вода била со одличен квалитет на 29, а добра на 3 локации во општина Будва.
„Податоците за извршените испитувања се доставени до републичкиот инспектор за води, кој ќе преземе дополнителни мерки и дејствија од негова надлежност“, се заклучува во соопштението.