Министерството за внатрешни работи ќе треба да издава по најмалку 5000 лични карти и 5000 пасоши дневно, и за делник и за празник, за да успее во трката на 800,000 граѓаните да им издаде нови, во кои ќе стои новото уставно име со додавката „Северна“.
Ова е невозможна мисија, но министерот за внатрешни работи тврди дека ќе се стигнело и дека веќе 1 милион граѓани имале документи со новото име. Крајниот рок за да заврши целата постапка е февруари, идната, 2024 година, кога личните карти и пасошите на кои што стои старото име на државата престануваат да важат, дури и ако не им е истечен рокот.
Ако не се успее, немало да се казнува, тврди Спасовски. Истовремено нема конкретен одговор дали граѓаните со документи без „Северна“, ќе можат да гласаат на претседателските и парламентарните избори кои следат идната година.
„Законскиот рок од 15 дена за добивањето на документот, во континуитет работи погонот за производство на лични документи, двосменски, работи во сабота и во тој законски рок се успева да се извадат сите тие документи кои што ги имаме.“ – Изјави Спасовски.
Непознато е според која математичка пресметка министерот ја темели самодовербата дека ќе издадат нови лични документи до роковите кои се предвидени во преспанскиот договор, кога и до сега, без посебни рокови имаше низа проблеми. Прво тешко се закажува на телефонскиот број во МВР, потоа се чека и по повеќе месеци за нова лична карта или пасош, а пред некоја година се случи сериозен проблем, кога министерството немаше обрасци за нови документи.
Од Државната изборна комисија за Алфа велат дека ова е новонастаната ситуација, која досега не непредвидена во изборниот законик, кој ќе треба да се менува. Дел од граѓаните не планираат да вадат нови лични документи, само поради новото уставно име на држвата, бидејќи старите се уште им важат, па не гледаат причина повторно да даваат пари.
Останува нејасно како МВР планира да го спроведе процесот на менување лични документи, и дали граѓаните во чии не стои „Северна“ ќе може да гласаат на претстојните избори.