Почна бербата на винското грозје, но берачи нема.
Голем дел од помладите сезонски работници ќе отидат на берба во соседните земји, а Италија веќе одобри дозволи за 40.000 сезонци за берба на грозје и јаболка.
Лозарите се надеваат на постарите од околните села кои се останати во државата и кои се уште можат да работат. Освен проблемот со работна сила лозарите ги мачат и откупните цени, бидејќи на стартот на бербата на винското грозје се уште не се знае по која цена ќе се откупува.
Се надеваат дека оваа година цените ќе бидат двојно повисоки од лани, бидејќи и родот е намален за над 50 отсто.
Освен кај нас и во регионот има помали количини на винско грозје. Во Србија, Црна Гора, Грција, Италија…каде исто така климатските промени си го направија своето и значително го намалија родот.
Инаку Италија усвои закон со кој се овластува издавање дозволи за 40.000 сезонски работници од земји кои не се членки на ЕУ и кои ќе бидат ангажирани пред се во земјоделскиот сектор за берба на грозје и јаболка. Сезонските работници ќе се вработуваат врз основа на апликациите поднесени до локалните канцеларии за имиграција, а нема ограничување во однос на националностите.