Со просечна плата повисока од 1.500 евра програмерите се „заковани“ на врвот на листата најплатени професии во Македонија, а освен тоа што се најплатени, тие се и најбарани, па затоа не треба да нè чуди податокот дека дури и да не постои невработен програмер во земјава.
Порталот Денар разговараше со 32-годишниот Горан Симоновски од Скопје, кој со оваа професија се занимава веќе цела деценија, а неговите месечни примања, како што ни откри самиот тој, честопати надминуваат 3.000 евра.
-Работам за странска компанија која се занимава со развој на веб апликации. Користам различни програмски јазици и технологии, како што се HTML, CSS, JavaScript, React и други. Работам од дома и имам флексибилно работно време, иако најчесто работам ноќе поради разликата во временските зони. Можам да кажам дека не беше лесно да стигнам до плата од 3.000 евра месечно, но тој сон ми се оствари и сум многу задоволен. Заработувам скоро двојно повеќе од просечната плата на програмерите во Македонија. Среќен сум со тоа што го работам и сакам да учам нови работи и да се усовршувам во својата област – изјави Симоновски за Денар.
На прашањето што е потребно за да станете успешен програмер и да заработувате големи пари, тој ни одговори дека најпотребно е да имате желба, мотивација, посветеност за учење и вежбање програмски јазици и технологии.
Според него, не постои едноставна формула или краток пат за да станете успешен програмер, туку треба да инвестирате време и напор во развивање на вашите вештини и знаења.
Целиот текст прочитајте го на denar.mk