Зголемен интерес кај домашните и странските туристи има и за руралниот туризам, ено-гастро концептот, еко туризмот и авантуристичките форми на туристичката понуда
Последните две години го рангираа македонскиот туристички сектор на многу високи места според Светската туристичка организација. Во 2019 година земјава со раст од повеќе од 25 проценти на бројот на ноќевањата беше втора во Европа, во 2021 година и покрај пандемијата бевме петти во светот според растот на странските туристи, а во 2022 година во првите 10 според девизниот прилив и туристичкиот промет во туристичката индустрија.
-Тековната 2023 година го покажа своето дијаметрално различно лице во туризмот, односни имаме пазари во кои бевме во минус и се уште сме во минус поради субјективни и објективни причини и пазари кои дадоа дополнителен скок и веќе се надминати резултатите од 2019 година. Сега по многу нешта 2019 година веќе не е референтна во туристичката индустрија, бидејќи туристичките текови и случувањата во туризмот веќе ги надминуваат очекувањата на најоптимистичките стручњаци и експерти на ова поле, порачува директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) Љупчо Јаневски.
АППТ според стратешкото планирање за годинава очекува да има девизен прилив од туризмот во износ од 530 милиони долари.
-Со првиот квартал од годинава во споредба со 2019 година имаме раст од 41 процент, а во споредба со 2022 година која е рекордна во македонскиот туристички сектор по туристичкиот промет од 481 милион долари веќе во првиот квартал од 2023 година има промет од 94 милиони долари или 19 проценти повеќе отколку во истиот период лани. Очекувам, и веќе според состојбите на теренот и соработката со туристичките работници, коморите, советот на Агенцијата за туризам, плановите и исполнетоста на капацитетите од над 90 до 95 проценти во нашите туристички места, сум сигурен дека ќе имаат подем и поголем развој двата најголеми туристички региони – Охридскиот и Скопскиот регион како туристички и бизнис центар во текот на 12 месеци, вели Јаневски.
Поголем престој на странски туристи се повеќе и повеќе, како што кажа, може да се види и во останатите региони во земјава.
-Зголемен интерес кај домашните и странските туристи има и за руралниот туризам, ено-гастро концептот, еко туризмот, авантуристичките форми на туристичката понуда, па може во 2023 година да се пофалиме за успесите на Крушево, Охрид, Струга, Дојран, Битола, односно градови кои се повеќе се фокусираат во туризмот. Многу брзо според мене туризмот ќе биде над 5 проценти во домашниот БДП, зашто во овој момент туристичко-угостителската индустрија во Македонија во текот на целата година вработува повеќе од 35 000 луѓе што претставува 5 проценти од вкупниот број на вработени. Според Светската туристичка организација и светските текови многу брзо очекувам земјава да надмине над 5, 6, па и 7 проценти во БДП од туризмот, а тоа може да се оствари само со континуирана работа на сите чинители во туристичката индустрија, но и со многу, многу посериозен пристап од страна на централната и локалната власт кога е туризмот во прашање, истакна Јаневски.
Проблемите со лошата патна инфраструктура се амортизираат со зголемен број авионски линии
Директорот на АППТ посочува дека проблемите со лошата патна инфраструктура туристичкиот сектор во земјава ги решава со зголемен број на авионски линии.
-Лошата патна инфраструктура ги намалува бројот на туристи и посети на земјава, но тоа што не можеме во овој момент да го поправиме, можеме да го подобриме на друг начин и токму затоа имаме директни авионски линии. Во текот на 2023 година АППТ е фокусирана на нови авионски линии. Од ноември повторно три пати неделно ќе ја имаме линијата со Љубљана, во октомври два пати неделно ќе има линија за Сараево, според мене во текот на цела година траба да продолжи линијата Белград-Охрид зашто имаше добра исполнетост во текот на годинава. Ќе се фокусираме и на зголемување на други линии и отворање на нови пазари зашто многу пазари кои во минатото немале добри резултати сега се со пораст од 30, 40 и 50 проценти, а тоа е резултат на работата на туристичката индустрија, оценува Јаневски.
Фокусираноста на одредени примарни и секундарни пазари во туризмот дава резултат
-Во 2023 година АППТ се бореше во два сегмента – да го намали падот на домашните туристи после пандемијата, но и во сегментот што имаме се поголем број странски туристи, а имаме помал број на туристички капацитети. Предвидовме падот кај домашните туристи да биде помеѓу 5 и 7 проценти, а успеавме во првите шест месеци да биде само 1,2 проценти, додека растот на странските туристи е помеѓу 30 и 40 проценти во глобала. Сепак, доколку ги гледам резултатите кои ги очекуваме во текот на годинава на Македонија и тоа како и се потребни нови инвестиции во хотелиерството во сместувачките капацитети во светски брендови и во отпочнување на постапките за категоризација на автокамповите во државата, подобрување на условите за престој во нив и воведување на нови европски практики во оваа индустрија, посочува Јаневски.
Најави дека во наредниот период земјава ќе треба да се фокусира кон создавање на нови атракции во туристичката индустрија, зајакнување и задржување на човечките ресурси и нивна дообука и дополнување со нови вештини кои се бараат на пазарот.
-Во туристичката индустрија просечната плата расте во континуитет, но не велам дека е доволна. Ако во 2018 година изнесуваше 18.700 денари, во 2022 година 26.500 денари, а годинава е далеку поголема од просечната плата во државата која изнесува 36.500 денари. Тоа значи дека секторот мора да продолжи понатаму со поголемата продуктивност и луѓето да разберат дека нивната иднина може да ја креираат токму овде во нашата држава, рече Јаневски.
Во изминатите години, додаде, доволно беше девалвирана туристичката струка и изрази надеж дека со истрајна работа ќе се создаде туристички сектор, од кој, како што кажа, сите ќе се гордееме.
-Патот не е лесен, но е вистинскиот за да можеме да создадеме туристички сектор кој ќе биде доволно одржлив. Ние сите да ги фалиме нашите природни убавини, а не да ги кудиме. Сметам дека добриот збор отвора железни врати, а некогаш добрата репортажа за државата ќе овозможи поголем број на туристи, истакна Јаневски.