Ако се вративте од одмор и ако ги наполнивте батериите за цела година, тогаш време е последните слободни денови од летото да ги искористите за реновирање на домот.
Но, пред да започнете со кроење планови за тоа како и што да изреновирате, добро би било да знаете дека не е лесна задачата да најдете соодветен мајстор, оти сите се зафатени.
Ако ви е потребен мајстор за молерисување, на пример, тогаш сметајте дека слободен термин ќе добиете во октомври, а можеби и во ноември. Ако ви е потребен плочкар, тогаш можно е да почекате и до шест месеци. Истата презафатеност важи и за останатите занаетчии.
Денар разговараше со мајстори кои ни потврдија дека се „букирани“ во следните три месеци.
-Не можеме глава да кренеме од работа. Ние сме тројца молери, со години работиме заедно и сме прилично искусни кога станува збор за молерисување во нечиј дом. Можам да кажам дека вака не било одамна, работиме од утро до мрак и повторно не можеме да постигнеме. Муштерии постојано ни се јавуваат, некои бркаат врски преку наши пријатели, но ние сме принудени да ги одбиваме. Да имавме по 8 раце можеби ќе успеевме да постигнеме, ама вака со две раце не се постигнува – раскажува на шала мајстор Горан од Црниче.
Инаку, цените за реновирање оваа година се поскапени од 50 до 60 проценти.
Па така, за квадрат молерисување со најобична бела боја се наплатува од 80 до 150 денари за квадрат, додека боењето со мрсна боја чини 150 денари за квадрат.
Плочкарите наплаќаат и по 10 евра за лепење плочки, а и самите плочки за да ги купите чинат околу 1.500 денари за квадрат.
Интересно е и тоа што електричарите започнаа да наплаќаат поставување инсталација од метар, но дури и да сте подготвени да ги дадете парите за мајстори, сепак, ќе се изначекате.
Ако ви треба столар, на пример, тогаш работната рака се пресметува според вредноста на материјалот и се движи од 70 до 80 отсто од вредноста. Колку за споредба, до пред неколку години столарите наплаќаа 50 отсто од вредноста на материјалот.
Цената на услугата на монтерите на клима уреди, пак, зависи од периодот на годината и од побарувачката. За монтажа на клима уред потребно е да издвоите до 5.000 денари, додека претходно монтажите чинеа помалку од 3.000 денари.
Од Занаетчиската комора велат дека секој занаетчија сам си ја утврдува цената на својата услуга и дека тие немаат податок за тоа колку точно се поскапени услугите на занаетчиите во последната година.
Најмалку 20.000 градежни работници-професионалци недостигаат во градежниот сектор, бидејќи голем дел од македонските мајстори веќе ја напуштија земјава и се раштркаа низ Европа каде што условите за работа се далеку подобри, а платите се далеку повисоки отколку овде.