Македонија бара да се почитува заедничкиот договор за Отворен Балкан.
Министерство за транспорт и врски на почетокот на оваа недела испрати реакција до Министерство за транспорт во Србија, со цел надминување на проблемите со кои се соочија македонските транспортни фирми со блокираниот граничен премин Батровци-Бајаково како резултат на ограничување на движење на товарни моторни возила со носивост над 7,5 тони на граничниот премин Шид.
Во реакцијата ставен е акцент на заедничкиот договор за Отворен Балкан и побрз проток на возила и патници. Се нагласува дека преземената мерка за забрана на користење на граничниот премин Шид за возила со носивост над 7,5 тони е целосно спротивна на се она што двете држави се договараат и преземаат за остварување на целите на Отворен Балкан. Дополнително како асоцијација се обративме за помош и поддршка и до Транспортната заедница со седиште во Белград, истакнувајќи ги проблемите и застојот на единствениот оперативен граничен премин за влез на територија на Хрватска – потенцираат од Макам-транс.
Во име на македонските превозни трговски друштва, Билјана Муратовска, генерален секретар во Макам-транс денеска со допис до Матеј Закоњчек, директор на Секретаријатот на Транспортната заедница побара помош и поддршка за надминување на проблемот кој е настанат. Таа вели дека проблемот ќе се продлабочува поради одлука на српските надлежни органи за ограничено движење на товарни моторни возила со носивост над 7,5 тони, на граничниот премин Шид меѓу Србија и Хрватска.
– Согласно информации од терен, на исклучокот од автопатот кон граничен премин Шид се поставени сообраќајни знаци за забрана за движење на возила со носивост над 7,5 тони, кои досега го користеа граничниот премин Шид за влез и вршење на транзитен превоз низ територија на Хрватска. Дополнително од превозниците и дел од шпедициите на граничниот премин неофицијално не информираа дака забраната е наметната за возила со македонски, бугарски и турски регистарски ознаки. Се работи за неофицијална информација од терен, меѓутоа тоа е класична нестандардна мерка која се спроведува од страна на Србија кон странски возила – се вели во дописот.
Оттаму потенцираат дека со забраната за користење на помалите гранични премини (од Хрватска минатата година и сега од страна на Србија) за возила со носивост над 7,5 тони се влоши уште повеќе и без тоа тешката состојба на граничниот премин Батровци – Бајаково, кој премин е оптоварен со голем наплив на дополнителен број на возила кои претходно ги користеле помалите гранични премини, имајќи предвид дека Хрватска е главниот транзитен коридор за сите превозници во регионот.
– Од здружението на превозници од Хрватска, добивме информација дека нема никаква промена на правилникот за определување на јавните патишта по кои мора да се одвива транзитниот превоз на товарните возила со носивост над 7,5 тони низ Хрватска, од страна на здружението во Србија исто така сме информирани дека не постои званична одлука за било каква измена или забрана за движење на возила, но на терен ситуацијата е поразлична, поставени се сообраќајни знаци и сите возила од граничниот премин Шид се упатуваат кон граничниот премин Батровци, кој во буквална смисла на зборот е блокиран од колона возила подолга и од 10 километри – вели Муратовска во дописот.
За излез од Србија, односно и за влез на нејзина територија од Хрватска при повратни превози, единствен оперативен граничен премин е Батровци-Бајаково, кој и во нормални услови на користење е оптоварен со сообраќај и застојот и времето на чекање е по повеќе од 24 часа поради малиот број на ленти за товарни возила и од едната и од другата страна.
– Веќе подолг период се зборува за зголемување на капацитетот на граничниот премин Батровци-Бајаково со доградба на ленти за товарни возила и за влез и за излез со поголем број на екипи на контролни органи на преминот (полиција, царина, инспектори), но за жал досега нема никаква реализација на ветувањата кои се дадени и од српските и од хрватските надлежни органи. Со овие забрани напоменуваме дека не функционира ни системот на зелени ленти за кои се залагавте и Вие во претходниот период – потенцира Муратовска.
Асоцијацијата Макам-транс во текот на овој месец ќе оствари средба и со претставници на српските и хрватските превозници на манифестација која се организира во Белград, меѓу што ќе се разговара и за заедничкиот проблем кој како превозници го имаме сите, а тоа е побрз проток на возила и патници низ граничните премини на транзитниот коридор за достапност до земјите од Западна Европа.