Колку пати сте го однеле вашето возило на редовен сервис, а не сте добиле фискална сметка за услугата? Колку пати сте залепиле дупната гума кај вулканизер, а за услугата сте платиле во кеш без да добиете доказ оти вулканизерот уредно го подмирува данокот кон државата? Колку пати сте ручале во локален ресторан, а крајниот износ на сметката сте го добиле испишано на парагонче наместо на фискална сметка?
Можеби навидум не ви изгледа премногу страшно, па дури и воопшто не ни обрнувате внимание дали сте добиле некаков доказ за платен данок на државата, но како што коментираат експертите, често се случува работите да излезат од контрола и да си навлечете проблеми само затоа што сте дозволиле да платите за услуга без да добиете фискална сметка.
На пример, посочуваат тие, што ако возилото повторно ви се расипе по само 10 извозени километри по направениот сервис? Едноставно, вие немате фискална сметка, односно немате никаков доказ дека воопшто сте правеле сервис пред 10 километри.
Или, пак, што ако гумата што сте ја залепиле повторно се издише по само половина час од лепењето? Како ќе му докажете на сопственикот на вулканизерскиот сервис дека неговиот вработен предмалку ја лепел гумата и сте му платиле за услугата?
Уште полошо, доколку не дај Боже се случи труење со храна откако сте ручале во локалниот ресторан, како ќе докажете дека сте ручале токму во тој ресторан?
Од Управата за јавни приходи (УЈП) потенцираат дека редовно се вршат контроли за проверка дали се спроведува и дали се применува Законот за регистрирање на готовинските плаќања, а како што велат оттаму, ниту вулканизерите, ниту механичарите не се ослободени од почитување на законската обврска.
– Сите даночни обврзници кои вршат промет на добра и промет на услуги за кој плаќањето не се извршува по банкарски пат, должни се да воведат и да користат одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања и задолжително да издаваат сметка за извршениот промет – коментираат од УЈП.
Во однос на сивата економија, УЈП известува дека во борбата со сивата економија вклучени се повеќе институции кои заеднички, секоја во рамките на своите надлежности користи различни стратегии и политики за нејзино сузбивање.