Како што има мобинг во земјава, истото може да им се случи и на работниците кои заминуваат да работат во странство.
Луѓето кои работат надвор од Македонија, велат дека мобинг постои, некаде повеќе, некаде помалку. Објаснуваат дека и во странство можете да западнете во токсична работна средина, да ви се погодат неколегијални соработници или надмени шефови.
„Може да се случи да има мобинг. Таа работа средина во Хрватска е покултурна, но таму не работат само Хрвати, туку има Македонци, Срби, Босанци. Во градежниот сектор многу ретко, а во хотелите, рестораните може да се случи да се жалат на мобинг и тоа претежно женски лица, тие се поподложни. Може да има притисоци, реални или нереални барања. Сум слушнал да се жалат, но не сум слушнал некој поради тоа да се врати, туку едноставно ќе издржи 4-5 месеци“, рече Љупчо Георгиев од Изгрев Инженеринг од Велес.
Донка Спасовска од агенцијата за посредување при вработување Хрозонт вели дека мобинг има секаде, без разлика дали се работи за Германија, Хрватска или друга земја. Таа објаснува дека во Хрватска на пример заминуваат работници од различни земји, укажано е да нема национални обележја и да нема меѓуетнички провокации. Спасовска вели дека ако работникот има уредна документација, работи легално, тогаш може да се жали ако трпи мобинг, но проблем е ако работи на „црно“.
„Ако сам си нашол работа и ако е тоа усмен договор, може да не испадне како што му е кажано на телефон и потоа ако е злоупотребен, ако не му е исплатена плата или ако има некој друг проблем, едноставно нема каде да се жали“, рече Спасовска.
Работниците велат дека добрата работна средина е најважна, дури многумина неа ја ставаат на прво место, пред висината на платата.
„Јас останав овде без работа, а потоа сам си најдов работа во Хрватска. Сам искомуницирав со газдата, а потоа најдов работа и за сопругата. Нејзе ѝ се погоди лоша работна средина. Taa работеше во ресторан. Луѓе од одредена група се држат, а вие и да работите повеќе од нив, ќе земате помала плата, затоа што шефот нив ги фаворизира. Сопругата си го одржа зборот, остана таму до крај, како што вети, а потоа си бараше нова работа“, вели велешанец кој работи во Хрватска.
Мобингот ги опфаќа сите видови на малтретирање на работно место. Мобингот се дефинира како појава на психичко малтретирање, кое се повторува низ активности со цел да го деградираат работникот по разни основи. Оваа појава предизвикува повреда на човековите права и достоинство, штети на физичкото, менталното и социјалното здравје и ја попречува професионалната иднина на жртвата.
Извор: faktor.mk