Просечната плата во Македонија во текот на месец јули изнесувала 36.286 денари, објави Државниот завод за статистика.
Како што посочуваат од ДЗС, платата во јули во однос на истиот месец претходната година се зголемила, па индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јули 2023 година, во однос на јули 2022 година, изнесува 114.1.
- Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Градежништво (19,5 отсто), Образование (17,2 проценти) и Јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување (16,8 отсто).
Намалување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Рударство и вадење на камен (7,9 проценти), Финансиски дејности и дејности на осигурување (5,3 отсто) и Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (4,6 проценти) - се наведува во соопштението на ДЗС.
Сепак, ако се направи споредба на месечно ниво, се забележува дека во месец јули просечната плата е помала отколку во јуни и во мај. Имено, во месец јуни годинава просечната плата изнесувала 36.527 денари, додека пак во мај 36.465 денари.
Еве листа колкава била просечната плата секој месец годинава:
- јули 2023 година 36.286 денари
- јуни 2023 година 36.527 денари
- мај 2023 година 36.465 денари
- април 2023 година 36.134 денари
- март 2023 година 34.925 денари
- февруари 2023 година 33.720 денари.
- јануари 2023 година 33.943 денари