Глобалниот индекс на мир (ГПИ) го претстави годишното рангирање на најбезбедните земји во светот, кое го креираше Институтот за економија и мир. Така, најбезбедна земја во светот за 2023 година е Исланд, додека Македонија е на 38. место.
ГПИ земјите ги рангира според широк спектар на фактори, од нивоа на насилство и криминал до тероризам и меѓународни конфликти. Овој извештај ја претставува најсеопфатната анализа на трендовите во мирот, економската вредност и развојот на мирните општества, водена од податоци.
Исланд го зазеде првото место на овогодинешната листа. Читателите кои го следат ГПИ низ годините нема да бидат особено изненадени - Исланд е на врвот на истражувањето секоја година од 2008.
Благодарение на ниската стапка на криминал, но и ниската воена потрошувачка и ниската стапка на меѓународни конфликти, Исланд е најбезбедната земја во светот.
Втора на листата е Данска, делумно поради ниското ниво на владина корупција, додека трета е Ирска, која скокна за пет места од истражувањето минатата 2022 година.
Македонија се наоѓа на 38. место, што е прилично високо. Од Балканот, најдобро рангирана е Словенија на одличното 8. место, Хрватска е 14-та, а Бугарија и Романија се на 30. и 31. место. Зад нас се Албанија (40), Црна Гора (45), Грција (60), Босна и Херцеговина (61), Србија (65), Косово (70) и Турција (147).
Не секоја земја во светот е благословена со ниски стапки на криминал и ниско ниво на корупција. На другиот крај од спектарот се земјите кои страдаат од војна, широко распространето насилство и политичка нестабилност, што ги прави неверојатно несигурни. Авганистан, Јемен, Сирија, Јужен Судан, ДР Конго, Русија, Украина, Сомалија, Судан и Ирак најнебезбедните земји со индекс над 3.
Целосната детална листа можете да ја погледнете тука.