Како никогаш досега, паркингот на Скопскиот аеродром во Петровец е постојано преполн со автомобили и понекогаш е тешко да се најде слободно паркинг-место.
Ова, според нашите извори од Аеродромот, се должи на фактот што сѐ повеќе нашинци кои патуваат со авион го оставаат своето возило на паркингот, бидејќи повеќе им се исплати да потрошат неколку илјадарки за паркинг отколку да се малтретираат со автобускиот превоз Скопје-Аеродром.
Инаку, цената за автобуски билет од Скопје до Аеродром изнесува 180 денари во една насока, што значи дека патникот треба да плати 360 денари за патувањето до и од аеродромот. Меѓутоа, автобусите не се чести и не секогаш се согласуваат со времето на летовите, па патниците често мора да чекаат или да користат такси или друг вид на превоз.
Еден од патниците кој често го користи паркингот на аеродромот е 31-годишниот Давор од Скопје, кој работи како консултант во Белград и патува со авион барем два до три пати во месецот.
Тој вели дека плаќа 2.500 денари доколку автомобилот е паркиран од 3 до 7 дена на паркингот пред аеродромот.
„За мене е многу практично да го оставам автомобилот на паркингот на аеродромот, бидејќи така не зависам од никого и не треба да губам време и нерви со друг вид на превоз. Плаќам 2.500 денари за паркинг, што не е многу кога земеш предвид колку би платил за такси или за друг вид на превоз. Плус, имам свој автомобил кога ќе дојдам во Скопје и можам да одам каде што сакам”, ни објасни тој.
Нашиот соговорник додаде дека досега немал проблем да најде слободно место на паркингот.
Од Скопскиот аеродром велат дека паркингот поседува 1.200 обележани паркинг-места за автомобили и 6 обележани места за автобуси.
„Паркингот за возила се наоѓа веднаш пред терминалната зграда, поминувајќи ја транзитната улица и зеленилото. Тука можете да го паркирате вашето возило за пократок период, 1 час, 2 часа или повеќе во текот на еден ден, но исто така, зависно од вашите потреби, можете да го паркирате возилото и на подолг период. Во поглед на ценовникот, едночасовно паркирање чини 100 денари, за два часа се плаќа 150 денари, за 3 часа 200 денари, за 4 часа 250 денари, паркирањето од 4 до 8 часа чини 500 денари, од 8 до 24 часа чини 850 денари, за 3-7 дена се плаќа 2.500 денари, за 8-14 дена се плаќа 3.500 денари, а за 15-30 дена чини 5.000 денари. Доколку патувате често и имате потреба да остварите повеќе влезови и излези од паркинг во текот на еден месец или една година, или, пак, возилото да ви биде паркирано подолг период на паркингот на Меѓународниот Аеродром Скопје, или можеби и за корпоративни потреби, тука е можноста за претплата за паркинг услугите. Месечната претплата изнесува 5.000 денари, а годишната изнесува 50.000 денари“, информираат од Скопскиот аеродром.
Оттаму потсетуваат дека на аеродромот има и транзит зона која нуди бесплатно паркирање до 10 минути.
„Транзит зоната или Hug & Fly се наоѓа веднаш пред аеродромската терминална зграда каде ви е овозможено кратко застанување, односно бесплатно паркирање до 10 минути, доволно да се поздравите или да пречекате некој од вашето семејство, пријателите, гостите или деловните соработници“, информираат од Скопскиот аеродром.