Пазарите преплавени со лажен – фалсификуван мед. Од Здружението на пчелари од Охрид апелираат до купувачите да бидат внимателни, да купуваат само од декларирани пчелни стопанства. Апел и до Агенцијата за храна со позасилени контроли и поголеми казни да се стави крај на оваа негативна појава...
Лажниот фалсификуван мед, главен проблем на пчеларите во југозападниот регион во земјава. Поголемиот дел од медот на пазарите е неприроден, најчесто гликозен сируп, кој е тешко да се препознае со голо око. И интернет просторот е преплавен со продажба на лажен мед, по екстремно ниска цена.
Цената на природниот мед е најмалку 700 денари за кг. и тој треба да се купува само од декларирани производители кои исполнуваат соодветни услови.
„Да пратиме апел до потрошувачите на мед и пчелни производи, пред се да го поддржат домашното производство, да купуваат од познат пчелар, да прават дистинкција помеѓу природното и вештачкото. Оттука треба да ја сфатиме потребата од купување на декларирани производи“, изјави Наум Трпчески-претседател на Здружението на пчелари во Охрид.
Во трката за брз пофит и намалените пчелни приноси во последните години поради климатските промени, се почесто на понуда е неприроден мед. Потребни се засилени контроли и казни за оние кои манипулираат со купувачите.
„Позачестени контроли, меѓутоа да се спроведуваат и репресивни мерки кон прекршителите на законот особено онаму каде што имаме репетиција на дејствијата. Самата декларација на производот претставува лична карта на едно пчелно стопанство, односно пчеларот со тоа гарантира дека неговиот мед е исправен“, додава Трпчески.
Во охридскиот регион има 350 пчелари, за кои главен предизвик денес се намалените годишни приноси, кои се поистоветуваат со прагот на рентабилност на пчеларството.