Граѓаните се соочуваат со високи цени на поштенските услуги за праќање пакети во странство.
Многумина од нив сметаат дека цените се многу високи и дека веќе не се исплати да се прати подарок во странство, бидејќи цената на услугата најчесто ја надминува вредноста на самиот подарок.
Еден од нив е Симеон од Скопје, кој минатата недела испратил пакет до своите роднини во Литванија. Пакетот тежел 240 грама, а за услугата му наплатиле околу 600 денари.
„Мислам дека е премногу. Пакетот содржеше само неколку магнети и неколку парчиња бебешка облека, кои вкупно ме чинеа околу 600 денари. Платив исто толку пари за да го испратам. Немам намера да го повторам тоа. Подобро ќе им купам нешто онлајн и ќе им го достават директно на врата”, вели Симеон.
Слично мислење има и Драган од Велес, кој испратил пакет до своите пријатели во Словачка.
Пакетот тежел 2 килограми и за услугата платил 1.400 денари.
„Пакетот беше полн со традиционални производи од нашата земја. Сакав да им покажам дел од нашата култура и да им направам изненадување. Но кога видов колку треба да платам, се разочарав. Вкупната цена на подароците беше околу 800 денари, а цената на услугата беше скоро двојно поголема. Не знам зошто е така”, кажува Драган.
Според информации од Македонски пошти, цените на поштенските услуги за праќање пакети во странство се формирани според меѓународните стандарди и зависат од тежината, димензиите и дестинацијата на пакетот.
Најновото поскапување на поштенските услуги се случи на 1 септември годинава, а новите цени се однесуваат на писмата, поштенските картички, печатените работи и малите пакети.
Па така, кај малите пакети до 100 грама, доколку се праќаат во соседните држави и во земјите од Европа од втора зона се плаќа поштенска услуга од 105 денари, а за останатите европски држави кои се во трета зона, како и за Австралија, Нов Зеланд и останатите држави од светот 120 денари.
За најголемите пакети од 1.000 до 2.000 грама, цената на поштенската услуга за соседните држави и за Европа, втора зона, изнесува 1.115 денари, додека за останатите европски држави, Австралија, Нов Зеланд и останатите држави од светот изнесува 1.285 денари.
За авионски превоз за писмо, поштенска картичка, печатени работи, мали пакети и секограми (сите видови печатени работи за слепи) за Австралија и Нов Заланд и за останатите земји во светот, цената е по 6 денари за секои 10 грама тежина на пратката, која се пресметува како дополнителна цена и се додава на цената за основната услуга. За земјите од Европа, цената за оваа услуга изнесува 4 денари на секои 10 грама тежина на пратката.
Потребата од зголемување на цените, како што стои во образложението од Агенцијата за пошти, е оправдано од неколку причини – некои од постојните цени на основните и дополнителните услуги во меѓународниот сообраќај како писмо и поштенска картичка се во примена повеќе од 20 години, додека цените на нестандардизираното писмо, печатени работи и мали пакети, препорачано ракување и ракување со писмо, не се сменети шест години, а трошоците за нивно обезбедување се зголемени.