Средината на октомври и почетокот на грејната сезона во последните години во поголем дел од Македонија го означува почетокот на екстремното загадување на воздухот.
Така, наместо претпоставената зимска идила кога гледаме низ прозорецот, по правило гледаме магла што останува дури и кога грее сонце или, почесто, неколку нијанси на сиво, од кои секоја е отровна.
Тоа се однесува речиси низ целата држава.
Во најголем број случаи се работи за суспендирани честички ПМ 2,5 и ПМ 10. Сето тоа се последиците од работата на термоцентралите, помалите топлани и индивидуалните шпорети, односно греењето со фосилни горива како јагленот.
Јагленот – полн со отрови
Греењето со фосилни горива е најтоксично, а предводник е јагленот. Јагленот може да содржи бројни токсични материи како што се олово, сулфур, хром, арсен, кадмиум, талиум, жива, флуор, хлор. Отровните елементи се ослободуваат во воздухот во форма на сулфур диоксид или честички од арсен, никел, калиум, олово, па дури и радиоактивни елементи.
Загадувањето со јаглен зависи и од неговиот квалитет, но и од уредите во кои се согорува. Колку е помал квалитетот на јагленот, толку е поголемо негативното влијание врз животната средина и здравјето. Во Македонија за работа на термоцентралите масовно се користи најнеквалитетниот јаглен – лигнит. Често има повеќе од 50 проценти влага и пепел и ослободува многу сулфурни испарувања. Крајниот резултат е помалку загревање и поголемо загадување.
По јагленот, нафтениот дериват мазутот е најголем загадувач. Содржи многу токсични елементи. Половина од основните училиштата во урбаната зона се греат на нафта или мазут. Веројатно има и многу јавни институции, веројатно и индустријата користи доста мазут за производство на топлина.
Најголемото загадување на воздухот во градовите е последица од начинот на затоплување на домаќинствата. Согорувањето биомаса, односно дрва, е најголемиот извор на загадување на амбиенталниот воздух, кое некаде изнесува и до 60%
Лекарите укажуваат дека долготрајната изложеност на загаден воздух може да предизвика астма, инфекции во дишните патишта и органи, рак на белите дробови, но и срцеви и мозочни удари.