Мала финансиска мотивација, иселување и неповолни услови се само дел од проблемите со кои наставниците се соочуваат во последниот период. Демотивирани од таа ситуација и младите ретко се одлучуваат за професијата наставник. Ова е ставот на директорката на СОУ „Коле Нехтенин“, инаку професор по Македонски јазик и книжевност, која смета дека со годините сѐ повеќе одиме во погрешна насока.
- Конкретно, за професијата учител, наставник, мислам дека во последно време се губи интересот. Вие знаете дека реално се соочуваме со проблемот со иселувањето, белата чума, знаете дека се соочуваме со голем број предизвици, дека немаме учебници, немаме доволно мотивација во однос на финансискиот надоместок на наставникот, меѓутоа ние сме ја одбрале оваа професија и треба да веруваме во неа, бидејќи ако ние не веруваме, одиме во погрешна насока, изјави Јованка Шалева, директорка на СОУ „Коле Нехтенин“ - Штип.
Универзитетската професорка Снежана Мирасчиева посочува дека бројот на студенти на Факултетот за образовни науки е задоволителен, имајќи ги предвид бројките на некои други факултети. Меѓутоа, проблемот, според неа, е што дипломираните студенти заминуваат во странство.
- Во услови на инвазија на многу високообразовни институции, па, можеби, е и атрактивна. Со сигурност можам да кажам. Меѓутоа, интересно е што студентите коишто дипломираат на Факултет за образовни науки имаат призната диплома во целиот свет и заради тоа ние се судруваме со недостиг на кадар, изјави Снежана Мирасчиева, универзитетска професорка.
Недостатокот на наставен кадар е глобален проблем. Анализата на УНЕСКО покажува дека на светот му недостигаат 44 милиони наставници за едукацијата, навистина, да биде достапна до секое дете.
Мали плати и загрозени работнички права (пишува Мета.мк)
Томислав Гиевски, наставник по географија во основно образование, вели дека атрактивноста на професијата наставник во Европа е на различно ниво во различни земји.
„Атрактивна е во Финска, Ирска, Шведска, Норвешка, Англија, Германија. Во многу европски земји станува неатрактивна поради модерниот начин на живот на децата и нискиот социјален статус – ниската плата и загрозени работнички права. Професијата просветен работник во Македонија е на листата на најнеатрактивни кај младите и студентите заради тоа што ние наставниците имаме ниски примања, потоа, има висок степен на партизација и голем притисок од родители за оценки“, вели Гиевски.
Според него, просветниот работник во државата не е почитуван од граѓанскиот сектор и многу често е на мета поради тоа што во општеството, во останатите сфери постои стравопочит кон другите професии, што не е случај и кај просветните работници.
„За тоа е виновна партизацијата, но и ние самите. Освен тоа, платата на наставник почетник е 33.500 денари, но тоа е под републичкиот просек. Професијата просветен работник би станала атрактивна ако во одреден временски период настане целосна департизација на воситно-образовните институции, ако достоинствено се вреднува трудот на наставникот кој би добивал плата која не е пониска од републичкиот просек, потоа, модерни колективни договори со пристојни работнички права и полесен начин за трансформација на работниот однос“, смета наставникот.