На многу места во земјава очигледно е дека јавната хигиена не е на завидно ниво, улиците се валкани, но редовното миење може да придонесе за намалувањето на загадувањето на воздухот.
Повеќе македонски општини информирале за своите активности за миење на улиците, кое го прават или го правеле во претходните години во раните утрински часови или во вечерните часови. Приоритет обично давале на централното градско подрачје. Миењето на улиците се правело и во летните месеци и во зима.
Метењето на улиците е од клучно значење за намалување на загадувањетo. Бројни истражувања направени во странство покажуваат дека во градовите кои се шират, треба да се обрне внимание на одржувањето на хигиената на улиците.
„Редовното миење на улици ќе придонесе до одредено намалување на загадувањето на воздухот со ПМ честички. Но, мора да се има предвид дека најголемиот дел од загадувањето доаѓа од начинот на греење, како на јавни и приватни правни субјекти, така и на индивидуални домови. Потоа палењето на отворено, индустријата, градежништвото, сообраќајот. Ова се главните извори на загадување и нивното регулирање и намалување на емисиите ќе доведе до намалување на аерозагадувањето“, велат од О2 Иницијатива.
Нестор Jаулески, биолог објаснува дека миењето на улиците има ефект, но градовите треба да имаат и дрвореди.
„Дефинитивно миењето на улиците помага, но треба да има и дрвореди. Во Струга обично во лето ги мијат улиците, оние најфреквентните. Дрвореди треба да има секој град, на булеварите, на главните улици, колку повеќе, толку подобро. Дрвјата со својата лисна маса апсобираат штетни честици и прашина, но доколку нема дрвја, и грмушките можат да помогнат“, вели Јаулески.
Чистењето на улиците исто така помага отпадоците да не завршат во реките, но и ги елиминира ситните честици кои можат да предизвикаат респираторни проблеми.
Граѓаните сметаат дека улиците треба да бидат почисти. Тие не се задоволни од хигиената.
„Кога беше објавено дека воздухот е многу загаден, тогаш знам дека ги миеја улиците. За метењето е друго, можеме како во времето на Југославија, секој пред својата куќа да мете, да исчисти пред својата порта, но малку сме мрзливи“, вели Нате Ј. од Куманово.
Друга граѓанка објаснува дека ретко ги мијат улиците во реонот каде таа живее и секојдневно се движи.
„Одамна немам видено да ги мијат улиците. Треба да се измијат улиците, да нема прашина“, рече Лила П. граѓанка.
Миењето на улиците придонесува и за подобра естетика на средините во кои живееме. Деновиве, податоците од мерните станици на Министерството за животна средина покажуваат ниско загаден воздух, но во следните месеци очекувано е дека квалитетот на воздухот ќе се влоши.