Одржувањето на здраво срце е многу полесно отколку што мислите. Треба само да бидете дисциплинирани кога станува збор за исхраната и да практикувате физички активности како би имале позитивни резултати. За да избегнете срцев удар и појава на срцеви заболувања следете ги овие едноставни совети.
Хранете се здраво
Ова веројатно го знаете, но потребно е да додадете многу овошје и зеленчук во вашата исхрана, житарици и храна со омега 3 масни киселини, како што е свежата туна. Намалете со внесувањето на сол, заситените масти, слатките и црвеното месо. Разновидноста во вашата исхрана е клучен момент за да ги добиете потребните хранливи состојки.
Внимавајте на крвниот притисок
Доколку имате висок крвен притисок ризикот од срцев удар и срцеви заболувања се зголемува. Управувањето со стресот, здравата исхрана и редовните вежби можат да ви помогнат да го контролирате. Најдете метод што ќе ве смирува најмногу, било да станува збор за јога, медитација или едноставно - лежење во кревет и читање на добра книга.
Не пушете цигари
Совршено би било доколку никогаш не сте почнале да пушите. Доколку се имате откажано – пробајте да истраете во таа ваша одлука. Ако сеуште пушите, редно време е да прекинете. Верувајте дека вашето тело ќе ви биде благодарно, а здравствените придобивки ќе бидат видливи уште во првиот месец од откажувањето. Дури и луѓето кои пушат помалку од пет цигари дневно можат да почнат да покажуваат рани знаци на срцеви заболувања. Доколку престанете со пушењето, за една година ќе можете да го намалите ризикот од срцев удар.
Регулирајте го шеќерот во крвта
Премногу шеќер во крвта може да ги оштети артериите. Ова се случува кога имаме состојба на пред-дијабетес и дијабетес. Регулирајте го шеќерот и намалете ги шансите за срцев или мозочен удар. Конзумирајте храна богата со протеини, растителни влакна и здрави масти. Овие хранливи состојки ќе ви помогнат да ја намалите апсорпцијата на шеќер во крвотокот, да го регулирате апетитот, но исто така и да го подобрите варењето на храната.
Редовно правете проверка на холестеролот
Запомнете дека постојат два вида на холестерол. Едниот се нарекува LDL и не е добар за вашето срце, додека другиот, HDL може да помогне во заштитата од срцеви заболувања. За намалување на вкупниот холестерол и LDL холестеролот кај возрасни се препорачува намалување на внесот на заситени масти со храната. Мора да се напомене дека кај некои луѓе не е доволно да се направи промена во начинот на исхрана, туку потребно е да се земаат лекови препишани од матичниот за намалување на холестеролот.
Одржувајте здрава тежина
Вишокот килограми може да го загрози вашето срце. Вежбањето и добрата диета се одлична комбинација. Почнете со едноставна прошетка низ маало или изберете активност која најдобро ќе ви одговара на вашите интереси и потреби. Редовното вежбање може да го спречи срцевото заболување, да го намали крвниот притисок и да го подобри нивото на холестерол.