Само околу 700-тини евра во Скопје e трошокот на државата за метар квадратен на становите во зградите што ги гради. Ова го покажува годишниот извештај на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор за 2022, каде се наведени сумите за изградба на зградите чиј инвеститор е државата.
Од програмата на претпријатието за изградбата на станбен простор наменет за продажба, единствен објект кој бил лани изграден е зградата во Реонски центар Аеродром. Вредноста на договорот со останатите анекси за изградба на оваа зграда, според извештајот изнесува 157.696.636 денари, од кои до крајот на 2022 биле исплатени 132.930.686. Доколку се поделат овие 2,56 милиони евра со 55 стана од 3.631 метри квадратни, излегува дека еден квадрат теоретски чини 700 евра. Зградата дополнително треба да има деловен простор и гаражи од околу 1.200 метри квадратни. Сепак, не е наведено дали во оваа сума влегуваат и трошоците за комуналии и приклучоци, како и данокот.
Акционерското друштво во државна сопственост има во план за комерцијална продажба на станови да изгради уште пет згради, од кои најпрво таа во градската четврт Даре Џамбаз кај „стара воена пекара“. Во Општина Центар е предвидена уште една во Дебар Маало, како и уште две во Охрид и една во Битола. Сепак, овие згради се уште во подготовка.
Интересот за овие станови е многу голем и се купуваат веднаш кога ќе се постават темелите, дознава „Фактор“, бидејќи цените се пониски и сигурноста во квалитетот на изградбата е поголема.
Од другите активности, се градат и згради со станови за лица во социјален ризик и ранливи групи. Овие објекти се градат преку Министерството за странспорт и врски и тие не се продаваат. Најголемата социјална зграда и најголема воопшто во земјата - онаа што се доградуваше годинава во скопски Бутел, има 312 стана со вкупна површина од 12.842 метри квадратни. Во извештајот стои дека, според основниот договор и анексите, ќе чини 458.186.431 милиони денари и дека до почетокот на годинава биле исплатени 399.970.203 денари. Излегува дека овде трошокот за еден стан е уште помал - 580 евра по метар квадратен. Социјални згради лани се граделе и во Кочани, Кавадарци, Охрид и Велес.
Иако генералниот директор на АДИССДП, Зоран Георгиев, изминатата пролет амбициозно најавуваше дека државата со поинтензивна изградба ќе го регулира галопирачкото поскапување на становите, инвестициската активност на претпријатито не покажува, барем засега, дека е така на терен и дека државата може да им конкурира на приватните инвеститори.
Бројките од извештајот покажуваат дека за изградба на објекти биле потрошени само 175 милиони денари. Наплатени од продажба на недвижнини биле 307,6 милиони денари во 2022 и овој приход е зголемен за нешто повеќе од двојно за една година. Сепак, планот бил да се наплатат 623,2 милиони денари од продажбите на станови (и друг простор), но се реализирало само двојно помалку од тоа.
Извор: faktor.mk