Ако сте во потрага по работа која ќе ви овозможи да работите од дома, да имате флексибилно работно време и да заработите до 2.000 евра месечно, тогаш ова е можноста за вас.
Имено, една од најголемите американски компании за транспорт и логистика има потреба од диспечери кои ќе се занимаваат со координирање на превозот на роба низ САД, па на македонските огласници веќе почнаа да кружат огласи преку кои се бараат работници од земјава.
„Потребно е да имате одлично познавање на англискиот јазик, солидни компјутерски знаења и вештини, како и одлични комуникациски способности. Се работи само втора смена од 14 до 23 часот.
Плата во износ од 500 до 2.000 долари“, гласи еден од огласите за вработување диспечери.
Па така, за да се пријавите за оваа работа, не ви треба претходно работно искуство како диспечер. Сè што ви треба е компјутер, интернет-врска и големо познавање на англискиот јазик.
„Вие ќе добиете обука и поддршка од стручен тим на компанијата, а вашата задача ќе биде да контактирате со возачите, клиентите и складиштата, да го следите статусот на пратките и да решавате потенцијални проблеми“, ни изјавија огласувачите.
Еден од диспечерите кои веќе неколку години се занимаваат со диспечерство е Сашко од Куманово.
Тој вели дека е задоволен од работата и од заработката.
„Работата е лесна, само треба да си комуникативен и организиран. Заработката е добра, можам да си платам сè што ми треба и можам да заштедам некоја паричка. Плус, работам од дома, така што не трошам пари на превоз или за храна”, објаснува нашиот соговорник.
Но, не е сè идеално. Сашо призна дека има еден проблем со работата – временската разлика.
„Поради тоа што работам за американска компанија, морам да работам ноќе. Тоа значи дека морам целосно да го сменам мојот биолошки часовник. Некогаш е напорно да се прилагодувам на тоа, особено кога имам други обврски или планови преку денот. Исто така, по некое време станува проблем и работењето од дома. По цели денови сум сам, затворен помеѓу четири ѕидови, без колеги околу мене, без расправии во живо…”, изјави диспечерот.