Општина Центар распиша Јавен повик за доделување на поединечна субвенција за жителите на Општина Центар, за купување на дополнителна опрема, односно седишта за деца или кациги за велосипед, е-велосипед и е-тротинет во 2023 година.
– Општина Центар преку различни проекти ги мотивира граѓаните да користат еколошки превозни средства кои ја развиваат физичката активност, влијаат на виталноста на телото но и го одбегнуваат метежот во сообраќајот. Преку проектот „Центар на точак“ само минатата година субвенциониравме 134 жители кои купија нов велосипед и седум за нов е-тротинет, а од оваа година за првпат пат во државата ќе се субвенционира и купување на дополнителна опрема за велосипеди и Е-тротинети. На мое задоволство Општина Центар повторно е водилка во воведување на проекти кои ги нема ниту една локална самоуправа во државата – смета Герасимовски.
Јавниот повик ќе трае се до исцрпување на средствата што се предвидени во Буџетот на општината, по принципот ,,прв дојден – прв услужен“. Со Јавниот повик ќе се субвенционира 30% од цената за купување на дополнителна опрема, односно седишта за деца или кациги за велосипед, е-велосипед и е-тротинет, но најмногу до 1.000 денари.
Секој полнолетен жител на Општина Центар што купил дополнителна опрема, односно седишта за деца или кациги за велосипед, е-велосипед или е-тротинет има право да аплицира на Јавниот повик, ретроактивно од 1.8.2023 година.
Општина Центар е силно фокусирана за зголемена употреба на велосипеди, е-велосипеди и е-тротинети, а потврда за тоа е наградата за „Највело општина во Скопскиот плански регион за 2023“.