Помала плата ама посигурна работа – луѓето не ја напуштаат јавната администрација за приватен сектор. Нема ниту желба за преквалификување на работниците, додека цели сектори изумираат или кубурат со кадар.
Ова го нотира Стопанската комора и велат – со европски пари и обуки ќе се подобрува конкурентноста на пазарот на трудот.
Во меѓувреме – се ситни бројот на градежни работници, медицинари и келнери кај нас.
„Tргнувајќи од менталитетот којшто постои во нашата земја, подобро е кога ќе кажеш дека работиш во администрација каде што верувајте дека дали 25 до 28 илјади денари е платата, без минат труд. Но, тие работници нема да се преквалификуваат и да одат во некои производствени дејности каде што платите се многу поголеми“ вели Наташа Јаневска од Стопанската Комора.
Пред неколку месеци од Владата најавуваа увоз на работна сила особено во сектори како градежништвото, туризмот и хотелиерството. Тогаш проценките беа дека недостасуваат околу десет илјади работници во земјата.
Годинава, заклучно со денешниот ден, се издадени 4629 работни доволи на странски државјани, велат од Агенцијата за вработување во одговор за Телма.
Најзастапени се земјите од регионот, но на листата има и работници од Непал, Индија, Турција, Украина и Русија. Најангажирани работници се од градежништвото, потоа тесари, електричари, армирачи и оператори на машина.
Има и управители, менаџери и фудбалери на листата.
Наспроти ова е незапирливиот процес на иселување на младото и работоспособно население, во потрага по подобар живот и далеку поголеми плати.