Врнежливото време ги наполни градските улици и булевари со вода, а тоа значи шанса за несовесните возачи да ги испрскаат пешаците кои се движат на пешачките патеки.
Со оглед на тоа што во Скопје има голем број возачи кои не внимаваат на останатите учесници во сообраќајот, прскање на пешаци се очекува да има и денес.
Според Законот, доколку станете жртва на „бесплатно туширање“, немате многу опции. Или треба да имате среќа полицаец да посведочи на настанот, или за тоа ќе треба да барате и обезбедувате докази.
Според Законот за безбедност на патниот сообраќај на патиштата, односно, според членот 124, ставот два од овој Закон, возач што се движи со возило по коловоз на кој има вода е должен да го приспособи возењето така што нема да ги прска пешаците, возачите на велосипеди, велосипеди со помошен мотор, мопеди, мотоцикли, трицикли, лесни четирицикли и четирицикли.
Доколку не го почитува тоа, возачот може да добие казна во износ од 35 евра во денарска противвредност.
Пешакот може и да поднесе пријава и доколку се обезбедат докази, на сторителот ќе му биде издаден патен налог во согласност со наведената процедура.