Граѓаните на Скопје се соочуваат со ново големо поскапување на брзата храна во сендвичарниците, која за многумина е единствен избор за оброк.
Само овој месец е забележано зголемување на производите во просек за 20 денари, а тие поскапуваа неколкупати и во текот на изминатите месеци.
Во една од најпознатите сендвичарници во главниот град, на пример, воведено е ново поскапување, па еден хамбургер сега чини дури 220 денари.
Чизбургерот чини 240 денари, а тост со свински врат и кашкавал се продава за неверојатни 210 денари.
Пирошка со шунка и кашкавал чини 180 денари, комбиниран сендвич чини 210 денари, вегетаријански сендвич чини 200 денари, хот-дог со две виршли е 210 денари, а само помфрит е 130 денари.
Но, слична е ситуацијата и кај помалите локални сендвичарници, иако, за волја на вистината, цените не се толку високи.
„Не можам да работам на загуба. Сите трошоци се зголемени, од киријата на локалот, до сметките за струја, платата на вработените, цената на суровините… Морав да ги зголемам цените на продуктите, иако знам дека тоа ќе ги отфрли некои клиенти”, вели сопственикот на сендвичарница во Општина Ѓорче Петров, кој сакаше да остане анонимен.
За многу студенти и работници, брзата храна од сендвичарниците била евтин и практичен начин да се нахранат. Но, со новите цени, тоа станува луксуз кој не можат да си го дозволат.
„Хамбургер и тост не сум јадел со месеци, бидејќи не ми се даваат толку пари за оброк. Со тие пари ќе седнам во ресторан и ќе јадам квалитетна храна. Но, тоа не можам да го правам секој ден, па затоа носам храна од дома или купувам некоја погодна салата или сендвич од супермаркет”, вели Дарко, студент од Прилеп кој студира во Скопје.
Ова е резултат на зголемената инфлација, порастот на минималната плата, високите трошоци за енергија и суровини, како и конкуренцијата од други видови на храна, како пица, бурек, гиро и слично.