Околу 42 проценти од жителите на ЕУ на возраст од 25 до 34 години во 2022 година имале завршено високо образование, покажуваат податоците на Европската статистичка агенција – Евростат објавени денеска.
Во Македонија, според овие податоци на Евростат, 37,7 отсто од граѓаните на оваа возраст имаат факултетски дипломи.
Од вкупно 240 региони во ЕУ во 72 или во 30 отсто, бројот на граѓани со високо образование во старосната структура од 25 до 34 години надмина 45 проценти, што е цел на политиката на Унијата во оваа сфера.
На врвот на листата е регионот на литванскиот главен град Вилнус со 73,6 отсто академски граѓани во оваа старосна категорија, по кој следуваат 11 региони каде процентот на лица со високо образование надминува 60 – шпанскиот Баскиски Регион, областите на северна и западна и на источна и централна Ирска, регионот на Утрехт во Холандија, како и реоните на Париз, Варшава, Будимпешта, Стокхолм, Осло, Луксембург и Копенхаген.
Од друга страна, во 17 европски региони само помалку од една четвртина од лицата на возраст од 25 до 34 години имале високо образование. Меѓу нив се седум од осумте региони во Романија (исклучок е само областа на Букурешт), по три региони во Унгарија и во јужна Италија, два во Бугарија (Југозападниот и Северозападниот), чешкиот северозападен реон и францускиот прекуморски департман Гијана.