Според статистичките податоци, во Македонија луѓето најчесто заминуваат од село во град. Обратните процеси се поретки.
Податоците за внатрешните миграции на Државниот завод за статистика (ДЗС) објавени летово, а кои се однесуваат за 2022 година, покажуваат дека во рамките на истиот регион, најголемо учество од 37.9 отсто имаат преселбите од село во град. Лани од село во град се преселиле 1. 719 луѓе, а од град во село 938 луѓе. Граѓаните велат дека тешко би се решиле да живеат во село.
„Јас лично не, затоа што не се пронаоѓам таму, а би сакала да отидам таму на неколку дена чисто да се релаксирам. Јас сум пензионерка, но не се замислувам себеси да живеам на село“, рече Снежана Веселиновска, граѓанка.
Луѓето велат дека македонските села се запустени и ретки се оние кои имаат убави услови за живеење.
„Не би живеела. Порано селата беа населени, имаше луѓе, а сега се испустени“, рече Нада Серафимовска, граѓанка.
Следната анкетирана жена вели дека да има своја куќа во село, уште утре би отишла да живее на село, поради чистиот воздух.
„Немам ништо на село, немам куќа, а да имам уште утре би се отселила. Да имам макар една соба, би живеела, би седела на чист воздух, би чувала стока колку за себеси да си имам“, рече Десанка Спасовска, граѓанка.
Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална Коалиција од Кичево вели дека во екот на пандемијата на коронавирусот, имаше промена на животните навики кај луѓето и дел од нив отидоа на село.
„Она што беше актуелно особено за периодот на короната и од што ние навистина позитивно се изненадивме, е враќањето на цели фамилии во селата од каде што потекнуваат и ова беше случај низ цела држава. Куќи коишто биле западнати, оставени на забот на времето наеднаш започнаа да се обновуваат, а имавме и многу такви случаи каде што луѓето, а особено и младите бараа да купат место или некоја стара куќа и да си ја обноват. Летото во периодот на короната селата буквално беа преполни со луѓе коишто ако немаа работни обврски со месеци седеа в село. Конкретно еве и јас и мојата фамилија тој период целосно го поминавме на село затоа што имавме можност за работа онлајн. Таа 2020/2021 година беше забележан и пораст во делот на обработливото земјиште, односно голем дел од семејствата кои што имале ниви, а не ги обработувале тие две години повторно започнаа да ги обработуваат што е навистина позитивно. Е сега кога заврши короната дел не се вратија повеќе во селата, но дел сè уште доаѓаат повремено или пак го користат секој слободен момент да избегаат од секојдневните гужви и стресни ситуации“, објаснува Јоноски.
Таа вели дека за трајно преселување од град во село оди потешко и тука голема улога игра тоа што нема добра инфраструктура, можности за работа, згрижување на деца во градинки и други поволности.
„За целосно иселување и преселба во село мислам дека многу тешко ќе оди тој процес, а како најчести причини коишто за тоа се споменуваат се следниве: оддалеченоста на селото од градот (односно оние села коишто се поблиску до градовите имаат повеќе жители, а ако се поодалечени се сè попразни заради оддалеченоста од градот); немањето на современа инфраструктура (патишта, осветлување, стабилен интернет, канализација, вода и слично), понатаму немање на локални продавници од коишто секојдневно ќе може да се снабдувате со потребните производи за храна, хигиена и слично; немање на услови за економска активности/вработување освен веќе ако не работите работа која што дозволува работење од дома или флексибилно работно време; нема градинки, нема услови за социјален и културен живот. Во последно време низ светот и во Европа акутелни се т.н. ИТ номади, односно ИТ експерти, програмери и слично кои што својата работа може да ја извршуваат и од дома, па државите им даваат и субвенции и други поволности, како на пример бесплатно земјиште за обработка или за градење на куќа, а сè со цел да го вратат животот на село. Кај нас на времето имаше еден сличен проект меѓутоа не даде тогаш големи резултати токму поради причините наведени погоре. Кога би имале слични услови како во градовите мислам дека и трендот на преселба би бил поголем“, рече Јоноски.
Лани најмалку преселби од град во село имало во североисточниот регион, само 39. Во југозападниот дел имало најмногу вакви преселби во однос на другите регионот, односно 157.