Жените во Европската унија се платени во просек за 13 отсто помалку од мажите кои вршат иста работа и покрај тоа што имаат право на еднаква плата според правото на ЕУ, објави денеска Европската комисија.
„Еднаква плата за иста работа или работа со еднаква вредност е еден од основните принципи на ЕУ. Тоа беше наведено во Римскиот договор во 1957 година“, се вели во соопштението на Комисијата.
„Сепак, напредокот во затворањето на родовиот јаз во платите стагнира оваа година и е бавен со години“, се вели во извештајот.
За да помогне во справувањето со проблемот, Комисијата ја издаде Директивата за транспарентност на плаќањата, која стапи на сила на почетокот на јуни.
Директивата, закон на ЕУ, ја поставува рамката за примена на идејата за „работа со еднаква вредност“ и споредбените критериуми кои вклучуваат вештини, труд, одговорност и работни услови.
Целта на директивата е да им помогне на работниците да ја препознаат и да се спротивстават на дискриминацијата на платите. Но, сега треба да се транспонира во националните закони, за што 27-те земји на ЕУ имаат три години.