Од МВР велат дека граѓаните кои во овие два дена имаат закажано термин за фотографирање и замена на личните документи ќе може да ги реализираат и упатуваат апел до нив да ја почитуваат саатницата која им е неведена
Термините закажани за фотографирање и замена на лични документи кои се за деновите 29 и 30 ноември ќе бидат реализирани и покрај тоа што тие два дена се неработни за државната и јавната администрација, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Пунктовите на Министерството за внатрешни работи за фотографирање и замена на лични документи ќе работат со полно работно време на 29 и 30 ноември“, се вели во соопштението од МВР.
Оттаму апелираат до граѓаните да ги почитуваат закажаните термини со цел непречено функционирање на процесот на замена и издавање на личните документи.
Информацијата од МВР доаѓа откако Владата на седница во вторникот донесе одлука во која се вели дека работното време на државната и јавната администрација во Скопје на 29 ноември (среда) треба да заврши во 12 часот, а 30 ноември (четврток) за нив е прогласен за неработен ден. Оваа одлука се однесува и на основните и средните училишта на подрачјето на град Скопје. Причина за донесувањето на ваква одлука е одржувањето на 30. Министерски состанок на ОБСЕ кој се одржува во Скопје.