На повеќе од еден месец до новогодишната ноќ, Аеродром ги започна подготовките за новогодишното украсување со што општината кон средината на декември ќе добие празничен и новогодишен лик, велат од општината.
Во текот на вчерашниот ден преку електронскиот систем за јавни набавки беше објавен оглас за спроведување јавна набавка за изнајмување опрема за новогодишно украсување.
- Новогодишното украсување на општината вклучува поставување и украсување на централна новогодишна, украсување на четири помали новогодишни елки, поставување светлосна фонтана и светлосен тунел, како и украсување со новогодишни украси и сијалички на неколку локации во општината, информираат од локалната самоуправа.
Согласно плановите на општината, новогодишно украсување ќе биде поставено на парковите „Јане Сандански“, „Тоше Проески“, „Бановина“, „Мичурин“, „Бисер“, „Палма“ и паркот „Авионче“, како и улицата „Островска“ и кружниот тек на улицата „Коста Новаковиќ“.
Дополнително, општината подготви и предновогодишен настан кој ќе трае три дена, а на кој ќе настапат домашниот и регионални музички артисти.
- Со новогодишното украсување Општина Аеродром го следи примерот на модерните европски градови, каде со новогодишните декорации и светилки се означува почетокот на новата година. Очекуваме, новогодишното украсување и предновогодишниот настан да донесат празнична атмосфера во Аеродром и да бидат причина за радост и среќа кај граѓаните кои живеат тука, порачаа надлежните.