Највисоки плати во земјава добиваат компјутерските прорамери, професија која одамна е прва на листата најплатени во земјава.
Просечната плата во септември изнесувала околу 1.500 евра или просечни 92 568 денари – покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Втори на списокот топ пет најплатени професии се фармацевтите, кои во октомври земале во просек 59 772 денари нето плата. Следуваат вработените во “Складирање и помошни дејности во превозот” со 59 297 денари за септември, па вработените во “Останати стручни, научни и технички дејности” со 59 243 денари и последни од топ пет се вработените во “Воздухопловен транспорт” со 54 087 денари нето плата.
На другата страна пак од скалилото, топ пет најнеплатените професии во земјава се со минимум трипати и дури над четири пати пониски плати од професиите со највисоки примања. Така убедливо на дното се вработените во секторот “Заштитни и истражни дејности” кои со платите се пониски од сегашниот минималец. Или во септември добиле во просек по 20.110 денари. Следуваат вработените во секторот “Производство на кокс и рафинирани нафтени производи” со 24.003 денари, па тие во услуги поврзани со одржување згради со 24.145. Нешто подобри со плати од 24.161 денари и 25.344 денари се вработените во Производство на кожа, и во дејностите за Производство на облека.
Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во септември годинава пораснала за 16,4 проценти во однос на септември лани, и достигнала 37 876 денари или 615 евра.
Според статистика, ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (25.8 %), Јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување (24.8 %), Снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината (20.5 %).
А во септември во однос на претходниот месец зголемување на просечната нето-плата е забележано во секторите: Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (11.8 %), Образование (10.9 %), Јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување (9.1 %).