Македонија се соочува со сериозен проблем на недостиг на квалификувана работна сила, особено во градежништвото и занаетчиството.
Од ден на ден сѐ повеќе водоинсталатери, гипсари, плочкари, фасадери, електричари и други мајстори ја напуштаат земјава во потрага по подобар живот во странство.
Нивните места остануваат празни, а потребата за нивните услуги се зголемува.
И податоците на Државниот завод за статистика воопшто не ни одат во прилог.
Еден од факторите за овој тренд е и тоа што во земјава дури активно се организираат и саеми за вработување во странство, каде што квалификуваните наши работници се запознаваат со условите и многу лесно прифаќаат да заминат и да си ја пробаат среќата.
На пример, во март оваа година, во Скопје се одржа саем за вработување во Германија, каде што беа понудени повеќе од 500 работни места за градежни работници, електричари, водоинсталатери и други. Според организаторите, интересот бил голем и повеќе од 1.000 лица се пријавиле за учество.
Минатата недела, пак, во Скопје се одржа саем за вработување во Словенија, а како што дознаваме, заинтересираноста и таму била огромна.
Овој феномен има негативни последици за економијата и друштвото во Македонија.
Според истражувањата, недостигот на квалификувана работна сила во градежништвото и занаетчиството влијае на зголемувањето на цените на недвижностите, ги забавува инвестициите, го намалува квалитетот на услугите…
Исто така, иселувањето на млади и образовани луѓе придонесува за стареење на населението, намалување на природниот прираст и смалувањето на потенцијалот за развој.
Затоа, експертите и невладините организации апелираат Владата да преземе мерки за заштита и стимулирање на квалификуваната работна сила во земјава, како што се повисоки плати, подобри услови за работа, обезбедување на социјална и здравствена заштита, обука и преквалификација, како и поддршка за започнување на сопствен бизнис.
Само така, Македонија може да го спречи иселиштето на мајсторите и да ги задржи своите вредни работници, коментираат експертите.