Кесички чипс полни со воздух, пакување со повеќе пластика отколку производ, големи кутии и малку содржина, сето тоа ќе остане во историјата.
Ова го тврди хрватската европратеничка Билјана Борзан во соопштение за медиумите.
„Дури 73 отсто од граѓаните на ЕУ велат дека биле заведени од големото пакување на производот. Имено, иако количината е напишана на производот, потрошувачите често ја „преценуваат“ количината на содржината, а кога ќе стигнат дома се непријатно изненадени. Добивам многу прашања од граѓаните за производи како чипс, снегулки, па дури и производи кои доаѓаат во шишиња“, вели Билјана Борзан.
Затоа, Европскиот парламент ја потврди забраната за пакување чија единствена цел е да го доведе потрошувачот во заблуда за количината на самиот производ, како што се непотребните слоеви на пакување или лажното дно, се вели во соопштението, пренесува Индекс.
„Просечниот жител на ЕУ фрла околу 188,7 килограми отпад од пакување, а во Хрватска се фрлаат околу 75 килограми, од кои само мал дел се рециклира. Со оваа одредба ќе обезбедиме граѓаните да добијат најмногу за своите пари , но и заштита на животната средина“, вели Борзан.