Владата на Нов Зеланд ќе ги забрани мобилните телефони во училиштата бидејќи стапката на писменост таму загрижувачки опаѓа, изјави конзервативниот премиер Кристофер Луксон.
Училиштата на Нов Зеланд некогаш постигнуваа едни од најдобрите светски резултати во писменост, но нивоата на читање и пишување се намалија до таква мера што некои истражувачи стравуваат дека постои образовна криза, пишува Франс 24.
Луксон планира да прифати политика која е тестирана со различни резултати во САД, Велика Британија и Франција. Таквиот потег ќе го спречи одвлекувањето на вниманието во училниците и ќе им помогне на учениците да се фокусираат, нагласи новозеландскиот премиер.
„Ќе ги забраниме телефоните во училиштата. Сакаме нашите деца да учат, а нашите наставници да предаваат“, рече тој.
Експертите од новозеландската хуманитарна организација Education Hub минатата година предупредија на „криза на писменоста“, откривајќи дека повеќе од една третина од 15-годишниците едвај знаат да читаат и пишуваат. Конзервативната влада на Луксон, која положи заклетва во понеделникот, веќе е заглавена во контроверзии уште во првата недела на власт.
Прво, неочекувано ги укина водечките светски мерки за контрола на пушењето, со кои требаше да се забрани продажбата на цигари на сите родени по 2008 година, што лекарите го нарекоа „трагично“, а потоа се согласи да го рестартира морското експлоатирање на нафта и гас, отфрлајќи ја на тој начин една од најважните политики за климатски промени на поранешната премиерка Џасинда Ардерн.