Во третото тримесечје од годинава во Македонија е забележано значително намалување на бројот на патници кои користеле железнички превоз.
Ова го покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Една од причините за оваа промена во преференциите на патниците може да биде и незадоволството од услугите и безбедноста на македонските возови.
Еден студент од Прилеп, кој сакаше да остане анонимен, ни раскажа дека по долги години се откажал од патувањето со воз, бидејќи не се чувствува сигурно во нив.
„Возовите се стари, расипани и неудобни. Често имаат дефекти и често доцнат. Вработените се незадоволни и често штрајкуваат за плата. Не сакам да ризикувам да останам заглавен на некоја станица или да не стигнам на време на предавања или на испит”, вели тој.
Студентот додава дека сега патува спонтано, со тоа што на социјалните мрежи постојат групи кои се наменети исклучиво за договарање превоз од град во град.
Тој објаснува дека кога треба да патува од Прилеп во Скопје и обратно, тој пишува на групата „Превоз Скопје-Прилеп-Скопје“, па оној што има автомобил и којшто му одговара денот за патување, ќе го контактира и ќе го превезе за прилично помалку пари отколку да патува сам со автобус.
„Тоа е многу практично и евтино. Се запознавам со нови луѓе и имам пријатно дружење. Не ми треба воз или автобус. Само мобилен телефон и добра волја”, заклучува тој.
Во третото тримесечје од годинава, според податоците на Државниот завод за статистика, во патниот патнички превоз вкупно се превезените 941.000 патници од кои 749.000 се превезени во националниот, а 192.000 во меѓународниот превоз.
Во железничкиот превоз се превезени 56.000 патници – сите во националниот превоз.
Во воздухопловниот превоз, пак, вкупно се превезени 1.015.904 патници од кои од македонските аеродроми полетале 484.096 во редовниот и 35.031 патник во чартер сообраќајот. Во земјава во овој период слетале 458.271 патник во редовниот и 38.506 патници во чартер сообраќајот.
Во третото тримесечје годинава во споредба со истиот период лани за 35,7% е зголемено количеството на превезената стока во товарниот патен превоз, во железничкиот превоз е намалено за 32, а во воздухопловниот превоз е зголемено за 23%.