На три недели до Новата година, македонската метропола сè уште не е украсена.
Иако сите европски и балкански метрополи, но и повеќето македонски градови, и приватни локали блеснаа во новогодишно руво, централниот плоштад и фрекфентните улици и булевари низ Скопје се празни. И дел од скопските општини најавија дека почнуваат со новогодишното украсување на парковите, улиците и булеварите, но тоа не е случај со Град Скопје од каде нема никакви најави дали ќе се украсува и доколку да, кога да се очекува.
Дали Скопје треба да биде украсено во пресрет на Новогодишните и Божиќните празници – е прашањето кое го поставивме во нашата „Тема за дилема“, јавува Скопје Инфо.
Еве што велат читателите на Скопје Инфо:
- Секако, во ова сивило да се додаде душа на градот. Сигурно дека треба, и тоа велелепно како и секоја друга метропола.
- Да, треба, но во рамките на нормалното и без провизии. Кажете една метропола во светот што не е украсена, Скопје е главен град на Македонија и така и треба да изгледа најбогато украсен.
- Да, кога се има оари за секакви глупости, треба да имаат и за украсување за да се радуваат најмалите жители. Нивните баби и дедовци да има каде да ги прошетаат и почестат.
- Да нормално, тоа си е традиција. Не мора многу, но симболично да се украси затоа што доаѓа нова година, нова надеж дека ќе биде подобро, ќе бидеме поздрави, посреќни, поспокојни.
- Треба! Ама со украсите од минатите години, а не секоја година нови трошоци од народни пари за нови украси! Домаќински како по дома, да се извадат ланските, минатогодишните украси!
- Подобро да се украси отколку парите наменети за „хуманитарни цели" да завршат во нечиј џеб.
Но, има и такви кои сметаат дека новогодшното украсување не треба да биде приоритет за локалната власт.
- Прво да се исчисти, после да се украси, смета еден скопјанец.
- Не, подобро дајте ги парите за операции на деца. Нека се спасат животи, отколку да се троши на кич украси и осветлување кога струјата воопшто не е евтина.
Минатата година во Скопје почна да се украсува дури по 15. Декември. За годинава останува да почекаме да видиме дали ќе има радост и магија на централниот плоштад во главниот град!