Речиси 22 години по воведувањето на еврото во Германија, во оптек се уште 12,2 милијарди германски марки кои граѓаните не ги замениле за евро, објави Централната банка на Германија. „На крајот на ноември во оптек сè уште имаше монети и банкноти од германски марки, во вредност од 12,2 милијарди марки, односно 6,24 милијарди евра“, изјави за ДПА директорот на германската централна банка Буркхард Балц.
Тој рече дека само годинава за евра се заменети 53 милиони марки. Зачуден сум од фактот што и во третата деценија по воведувањето на еврото, колку марки сè уште не го нашле патот до Централната банка - изјави Балц.
Тој смета дека одредено количество марки никогаш нема да се заменат за евро, бидејќи тие ќе останат во збирките на нумизматичарите. Сè уште во оптек се банкнотите вредни 5,7 милијарди марки и монетите од 6,6 милијарди марки.
Балц смета дека голем дел од марките, кои се уште не се вратени во Централната банка на Германија, се наоѓаат во странство. „Германската марка сè уште е омилената резервна валута во светот“, вели тој.
Инаку, досегашните истражувања покажаа дека многу поштенски марки сè уште се наоѓаат во земјите од кои најмногу доаѓаат странски работници во Германија, како Турција и земјите од поранешна Југославија. Имено, Германија е една од шесте земји на Европската унија каде што нема временско ограничување за размена на старата валута за евро.