Претседателот Пендаровски јавно предложи Владата да го пролонгира рокот за замена на личните документи до септември или октомври, наместо до февруари.
Ова следи откако јавноста со недели е сведок на редици и хаос пред пунктовите за замена на документите - известуваат од телевизија Телма.
„Нема смисла хаосот да продолжи, а ќе ја известиме и Грција дека немаме намера да бегаме од обврските од Преспанскиот договор“. Ова го кажа Пендаровски во телевизиско гостување на Сител.
Премиерот Ковачевски прифаќа да го отвори прашањето на владина седница.
Претходно, од МВР ја информираа јавноста дека и покрај обврската за промена на документите со новото уставно име, сепак казни за оние кои нема да стигнат да го направат тоа пред крајниот рок – нема да има.
Важечките документи ќе бидат валидни на шалтери, во банки па и за за гласање на избори.
A, денес попладне пред привремениот пункт за замена на личните документи немаше голем метеж. Сепак, дел од оние кои ги сними камерата на Телма се жалат дека доаѓаат неколкупати за да завршат работа.
Некои воопшто не слушнале дека се најавуваат промени во крајните рокови за промена на документите. Но, ја поздравуваат идејата.
Во претходните денови социјалните мрежи беа главно место за поплаки од огромниот метеж. Исто е и за фотографирање, но и за подигнување на готовите документи. Сепак голем дел од граѓаните завршија работа.
Од МВР за Телма велат дека денес во 13:35 часот на Одделот за управни работи во зградата на МРТВ е констатирано нарушвање на јавниот ред и мир и направен е Записник.
А, пред привремениот пункт во ПС „Пролет“ овие отпадоци остануваат да сведочат за големиот број граѓани кои поминаа во редот.