Народната банка денеска соопшти дека во текот на минатата година од страна на експерти за брзо воочување на сомнителни примероци на пари обучени се над 200 вработени во деловните банки и во институциите во системот за справување со фалсификување пари.
Најважната алка во синџирот на справување со фалсификувањето на парите се лицата кои вршејќи ја својата професионална дејност, секојдневно доаѓаат во контакт со книжни и ковани пари и се првата бариера во заштитата на интегритетот на парите. Оттука, со зајакнувањето на капацитетите на сите засегнати ракувачи со готовина се обезбедува брзо воочување на сомнителните примероци, нивно отстранување од оптек и доставување во Народната банка, се наведува во соопштението.
Од централната банка посочуваат дека низ годините, експертите од Народната банка организираат редовни задолжителни обуки за запознавање со заштитните елементи на домашните и на странските валути, за вработените во финансиските институции, односно во банките и центрите за готовина.
Како препорака од твининг-проектот „Јакнење на капацитетите на системот за борба против фалсификување евра“, Народната банка, како што се наведува во соопштението, ги проширила обуките опфаќајќи и претставници од институциите вклучени во системот за справување со фалсификување пари, односно од Министерството за внатрешни работи, Царинската управа, Јавното обвинителство и од Финансиската полиција.
Како единствена овластена институција за утврдување на автентичноста на книжните и кованите пари деноминирани во денари и во странски валути, централната банка врши и експертска анализа и обезбедува соодветна поддршка во процесот на справување со фалсификатите. Во изминатиов период, засилено се вршеше и навремена размена на податоци со националните и меѓународните институции за спроведување техничка анализа и откривање фалсификувани пари, се вели во соопштението.