Македонскиот народ дефинитивно повеќе сака да штеди отколку да се задолжува. Тоа барем го покажуваат податоците на Народна банка на Македонија, кои говорат дека македонските домаќинства во банка на крајот на минатата година чувале вкупно близу 5,7 милијарди евра, или прецизно 5,671 милијарда.
Додека, пак, нашите граѓани вкупно од банките имаат земено кредити на сума од 3,73 милијарди евра, што значи дека многу помалку им должат на банките, отколку што таму чуваат свои заштеди.
Уште еден податок говори колку Македонецот е повеќе склон кон штедење, отколку кон задолжување.
Имено, само во текот на минатата 2023 домаќинствата во земјава ставиле во банките нови штедни влогови на сума од дури 418 милиони евра. Или, ако на крајот на декември 2022 година депозитите на домаќинствата изнесувале 5,253 милијарди евра, на крајот на ланската година тие се на ниво од 5,671 милијарда, или повеќе за 418 милиони евра.
Од друга страна, пак, домаќинствата лани зеле вкупно нови кредити од 235 милиони евра, што е многу помалку од вложените средства во текот на истиот период, односно минатата година.
Ако се анализира кредитирањето, пак, може да се забележи дека кај граѓаните и натаму остануваат популарни потрошувачките и станбените кредити, но се повеќе излегуваат од мода кредитните картички и дозволените минуси. Не е ни чудно со оглед што каматните стапки кај одредени банки достигнаа 14,3 отсто за овие два вида на кредити, што се должи на максимално дозволената граница утврдена од НБМ на 8 отсто, и основната каматна стапка, онаа на благајничките записи, која во моментов е 6,3 проценти.
Целиот текст можете да го прочитате на faktor.mk