УБАВА ВЕСТ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ПАТНИЦИ ШТО ПАТУВААТ ДО АВСТРАЛИЈА
Турскиот авиопревозник „Туркиш ерлајнс“ ги најави своите први летови за Австралија, со три пати неделна услуга меѓу Истанбул и Мелбурн, преку Сингапур, кои започнуваат на 15 март.
Летовите беа пуштени во продажба во петокот и покажуваат дека летот ТК168 на „Туркиш ерлајнс“ од Истанбул е во 17:30 часот и дека пристигнува во Мелбурн во 20:40 часот следниот ден.
Шпекулациите за продолжен престој во Сингапур се покажаа неосновани, а авионот ќе остане на земја само за полнење гориво и за кетеринг од еден и пол час пред да продолжи кон главниот град на Викторија.
Со летот ќе оперира „боинг 787-9 дримлајнер“ со капацитет за 300 патници, вклучувајќи 30 седишта во бизнис-класата и 270 седишта во економската класа.
Повратниот лет ТК169 од Мелбурн ќе биде во 22:30 часот и ќе пристигнува во Истанбул во 11:30 часот следниот ден. Билетите за во еден правец во моментов се продаваат за по 1.810 австралиски долари во економската и за по 9.400 долари во бизнис-класата.
Засега „Туркиш ерлајнс“ ќе лета само за Мелбурн, но во блиска иднина би можеле да следуваат и директни летови за Сиднеј. Австралиската Влада неодамна ѝ даде дозвола на „Туркиш“ да оперира до 21 неделен лет до Сиднеј и до Мелбурн, како и до Бризбејн и до Перт.
Од крајот на 2024 година, бројот на дозволени неделни летови за овие градови ќе се зголеми на 28, а до крајот на 2025 година ќе бидат дозволени до 35 неделни лета.
Минатиот месец, „Туркиш ерлајнс“ обезбеди ажурирање на берзата, потврдувајќи дека има намера да започне со летови до Мелбурн во март 2024 година, но даде малку други детали за своите планови. Во тоа време, се веруваше дека превозникот немал дозвола од воздухопловните власти на Сингапур да ги извршува таканаречените летови на петта слобода. Сега се чини дека тие детали се финализирани со првиот лет.