Граѓаните кои сакаат да ја посетат Попова Шапка од денеска ќе имаат можност да ја користат нововоспоставената автобуска линија која тргнува од Тетово.
До скијачкиот центар досега немаше редовна автобуска линија, а Општина Тетово воведува превоз во сабота и недела.
Од Тетово кон Попова Шапка автобуси ќе тргнуваат во 08:30, 11:00, 14:00 и 17:00 часот со почетна точна – во близина на поранешната појдовна станица на жичарницата од градот до скијачкиот центар.
За тргнувањето со почеток во 11 часот, денеска Општината ги повика и претставниците на медиумите да патуваат заедно со градоначалникот Биљал Касами и на тој начин свечено да се означи почетокот на воспоставувањето на овој вид автобуски превоз.
- На ден 27.01.2024 година (сабота), со почеток во 11:00 часот, ЈП „Тетово Транспорт“-Тетово ќе организира свечен настан за пуштање во употреба на новата линија за јавен превоз во правец „Тетово – Попова Шапка – Тетово“. Поаѓањето ќе биде со автобус од градската жичарница. Заедно со градоначалникот на општина Тетово, Биљал Касами ќе се упатиме кон Попова Шапка, се вели во повикот на Општина Тетово.
По пристигнување на Попова Шапка, градоначалникот Касами ќе даде изјава за медиумите за важноста и предностите на оваа нова линија за јавен превоз.
Во соопштението во четвртокот Општина Тетово најави дека повратен билет за едно лице ќе чини 200 денари.
- Оваа линија очигледно ќе влијае не само на зголемување на бројот на туристи, туку и на олеснување на сообраќајот кон овој патен правец. Ајде да уживаме заедно во убавините на зимскиот центар. Секогаш сме на услуга на граѓаните, порачаа во соопштението од Канцеларија за комуникации и односи со јавноста на Општина Тетово.
Патниците ќе се превезуваат со автобуси на Јавното претпријатие „Тетово Транспорт“ – Тетово, кои имаат редовни градски линии. За враќање од Попова Шапка кон Тетово предвидени се термините 09:30, 12:30, 15:30 и 18:30 часот.